Во годинешното обраќање, извршната директорка на Телото на Обединетите нации за родова рамноправност и зајакнување на жените, Пумзиле Мламбо Нгчука, вели дека насекаде низ светот, многу жени и девојки трошат премногу часови на домашни обврски, дури двојно повеќе, за разлика од мажите. Тие се грижат за помладите браќа и сестри, за постарите членови на семејството, за болните во семејството, како и за управување на куќата. Во многу случаи, оваа нееднаква поделба на трудот е на сметка на образованието на жените и девојките.
„Сакаме да изградиме поинаков свет на работа за жените. На девојчињата во текот на нивниот раст, мора да им бидат дадени на располагање широк избор на кариери и да бидат охрабрувани да прават избори со кои целат повисоко од традиционалното давање грижа и услуги, и да се ориентираат кон кариера во индустријата, уметноста, јавната служба, модерното земјоделие и наука“, рече Нгучка.
Таа истакна дека промените мора да започнат во домот, од најраните училишни денови. Како и дека е потребно да се направат прилагодувања во одгледувањето, наставните планови, образовните рамки и средствата кои секојдневно создаваат стереотипи како ТВ, рекламите и забавните програми.
„Жените и девојките мора да бидат подготвени да станат дел од дигиталната револуција. Моментално само 18% од додипломските студии по информатика отпаѓаат на жени. Насекаде во светот потребно е значително пренасочување на девојчињата, со цел тие да се фокусираат кон математичко-технолошките предмети, доколку жените имаат желба успешно да се натпреваруваат во добивање на високо платени ‘новосоздадени’ работни места. Во моментов, само 25% од работната сила во дигиталните индустрии се жени“, вели Нгучка.