Categories

РАФАЛ Ѓон

Одбивањето да се соочи со реалноста не му е својствена само на Груевски. Да се потсетиме. Неговите „премиерски“ увиди во проектите, долго време по срамниот политички и морален пад, беше уште една гротескна епизода во неговата кариера на долгогодишна узурпација, придружена со тежок криминал, изборни кражби и насилство. Затоа, иако изгледаше урнебесно смешно, не многу луѓе се смееја на оваа егзибиција на малото диктаторче.

Пишува: Џабир Дерала

Открив уште еден со синдромот „Груевски“. Деновиве сум во Сараево, на Шестиот форум на граѓанското општество на земјите на Западен Балкан, во организација на Европскиот економско-социјален комитет. Стотина претставници на граѓанското општество, вклучувајќи ги синдикатите и асоцијациите на работодавачите, политичари, аналитичари и ЕУ функционер, дискутираат за социјалниот договор, слободата на изразувањето, миграциите и родовите прашања. Како и на минатиот форум во Белград, еве го, се појави Живко Митревски и се претстави како претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Добро се сеќавам кога медиумите јавија дека Врховниот суд донесе одлука во полза на синдикатите кои Митревски ги избрка од ССМ, за да ја одбрани својата скапа фотелја, платена од потта на работничките и работниците.

Тогаш, Врховниот суд му наложи на Централниот регистар да го впише Дарко Димовски како претседател на ССМ. Значи, Митревски не е претседател на ССМ од кој направи своја приватна империја, послушна само на Груевски. Најжолтиот од сите синдикалци за кои знам, човекот кој го бранат телохранители и специјалци, оној што има возен парк од стотици илјади евра, кожни гарнитури во канцелариите… Тој и сега, кога неговиот жолт синдикален трон е кутнат, патува наоколу и се претставува како претседател на најголемата синдикална организација во земјата.

Митревски е против тоа европските функционери да разговараат со независните синдикати и организациите за човекови права на теми поврзани со работничките права. Само тој, умислениот претседател на ССМ, сака да биде единствениот со кој Европа разговара за работничките права и социјалниот договор. Тој што беше ѓонот на чизмата на Груевски врз грбот на работниците, не сака да си оди од мрсната трпеза на узурпаторите.

И не е единствен. Уште колку вакви има?


Објавено во Плусинфо и Слободен печат (11/7/2017)

Print Friendly, PDF & Email