Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, на собирот на неговата партија Фидес во Будимпешта, му порача на Брисел дека на ниту една нација не може да ѝ се нареди со кого мора да живее во сопствената земја.
Орбан смета дека мултикултурализмот во Европа е пропаднат и дека ЕУ сега тоа се обидува да им го наплати на земјите-членки, вклучувајќи ја Унгарија, како и дека Унгарците не сакаат да прифатат нелегални емигранти, „ниту еден, дури ни привремено“! Според зборовите на Орбан, во Унгарија постои широк консензус околу потребата да се заштити актуелната антиемигрантската политика на земјата.
Орбан тврди дека Унгарија сака да ја сочува економската независност од интервенциите на ЕУ, односно дека „Унгарците не сакаат да му ја дадат на Брисел контролата врз Унгарија“
На партискиот собир унгарскиот премиер не ја пропушти можноста одново да го критикува Џорџ Сорос. Според него, миграциите се „добар бизнис“ за Сорос.
„Причината зошто Сорос е толку лут на Унгарија и лично е лут на мене, е тоа што ние стоиме на патот на неговиот голем план и неговиот голем бизнис“, изјави Орбан.