Categories

ВИДЕО АНАЛИЗА Орданоски: Демократијата е секогаш локално прашање

Предизборната кампања завршува и сега можеме да се осврнеме на она што се одвиваше во последните месец дена. Мислам дека се остварија предвидувањата дека оваа предизборна кампања ќе биде со поинаква содржина отколку во една класична форма, кога би се работело само за локални избори. Се покажува дека овие локални избори ќе бидат поважни од тоа само да избереме градоначалници и општински совети и дека тие во многу ќе ја одредат судбината на цели партиски структури и особено нивните раководства.

Затоа, не треба да ве чуди што предизборната кампања беше исполнета со содржини коишто многу повеќе доликуваат на национални, парламентарни избори, отколку расправии за тротоари и кружни токови. Меѓутоа, Македонија се наоѓа во една таква ситуација, повторно историска, веројатно како и минатите 27 години, во коишто се решаваат прашања за завршеток на една голема фаза, еден голем период во нашата демократија, кога се пресметуваме со една оставина од еден единаесетгодишен режим. Заради тоа, мислам дека и влоговите на самиот ден на гласањето ќе бидат во референдумска смисла. Тоа значи дека ќе се оди да се гласа за или против два концепти коишто ни беа нудени и на минатите парламентарни избори.

Во таа смисла, разочарувачки е тоа што кампањата не беше поштедена од многу валканици. Мислам дека годинава, можеби за прв пат, се отиде во една голема мера во користење на говор на омраза, особено на социјалните медиуми. Се гледа дека тоа не е случајност. Се гледа дека партиите во целост ја сфатиле важноста на социјалните медиуми и таа окупација што ја прават на еден организиран, па би рекол и дури, на еден скапо платен начин. Се гледа дека зад тој сообраќај на социјалните мрежи стојат цели штабови. Дека тие се главните произведувачи на тој говор на омраза, што секако не може да биде ни добро, ниту за овие избори, а ниту за атмосферата што понатаму не очекува.

Македонија е едно поделено општество и јасно е дека ние излегуваме од еден период на силна и на моменти, гнасна пропагандна кампања којашто ја правеше претходниот режим. Очекувањата и рационалните потреби за пресметки со противниците, за една дури одмаздничка линија на делување во јавноста постои и таа се пренесе и во изборната кампања. Мислам дека сите партии подеднакво учествуваат во тоа, двете главни македонски партии, и СДСМ и ВМРО, коишто се и главните страни на судирот во овие избори.

Изборите ќе бидат, се надевам, мирни на денот на гласањето, а ќе биде многу важно која ќе биде излезноста на гласачите. Од степенот на излезноста директно ќе зависи и тоа кој ќе биде победникот.

Ќе биде многу интересно да се проследи дали ќе продолжи оној тренд започнат на минатите парламентарни избори, на една етничка, албанска поддршка за кандидатите на СДСМ. Доколку тој тренд продолжи и на овие локални избори, би можело да се каже дека влегуваме во една постабилна фаза на развивање на мултиетнички опции, партиски, коишто нема да бидат врзани само за етничкиот бекграунд на гласачите туку ќе бидат врзани како една партиска понуда до цело гласачко тело во иднина.

Го видовме тој напор ВМРО да ја коригира таа своја, би рекол, потполно погрешна не само политички, туку и прагматично погрешен пристап, да се оди со една ирационална клеветничка и практично кампања на омраза кон албанскиот дел од граѓаните во Македонија. Тие се обидуваат тоа да го коригираат но мислам дека тоа нема да се случи на овие избори. Сепак, постои една високо изразена свест кај гласачите за тоа кој што прави искрено, а кој прави нешто неискрено.

Во таа смисла, јас очекувам дека ќе дојде до пресврт во резултатите од локалните избори, особено имајќи ги предвид резултатите од претходните локални избори. Но, сепак, треба да се причека и да се види во која мера ќе биде тоа, во кои општини точно, за да можеме потоа да се занимаваме со анализа на победниците и поразените на овие избори. Мислам дека во некои општини и тоа во значително поголем број ќе биде решено прашањето за градоначалниците веќе во првиот круг. Мислам дека групирањата и консолидирањата на гласачките тела се такви што тие веднаш ќе изразат еден квантум на политичка намера уште во првиот круг. И тоа, во крајна линија не е лошо бидејќи, ако ништо друго, ќе бидеме поштедени од уште дополнителни две недели на кампањи.

Со други зборови, мислам дека овие локални избори се една предигра за политичката иднина што ја чека Македонија во 2018 година, каде што нè чекаат големи задачи од реформски тип. Каде што нè чека да видиме кое ќе биде референдумското гласање за политиката, иако многу кратко, неколку месеци претставено од СДСМ во позиција на власт. А потоа ќе видиме и дали резултатите на овие избори и агендата која што ќе следува потоа, особено мислам на превирањата кои што веќе постојат во неколку албански партии, а и во ВМРО-ДПМНЕ, ќе дадат можности да се претпостави дека ќе одиме на вонредни парламентарни избори во догледна иднина.

Во секој случај, јас им пожелувам на сите граѓани да си ја исполнат граѓанската обврска и по својата совест и по своите политички уверувања, во недела да излезат и да гласаат бидејќи не треба да заборавиме дека демократијата е секогаш локална работа. Дури и кога гласате за национални теми, добро е да знаете дека сте гласале за некого на локално ниво, бидејќи, на крајот на краиштата таму ви е животот. Таму е тоа што го правите секој ден и што ви се одразува врз начинот на кој ви поминува животот.

Камера: Дехран Муратов

Транскрипт и опрема: Маја Ивановска

Фото: Биљана Јордановска


Преземањето на оваа содржина е дозволено според лиценцата Creative Commons 1.0. Наведете го изворот, линкот до содржината и автор(к)ите на прилогот. 

Print Friendly, PDF & Email