Сашо Орданоски, политички аналитичар и член на Експертскиот борд на ЦИВИЛ, на панел дискусијата во недела, по затворањето на гласачките места, даде свое видување за денот на гласање и што можеме да очекуваме во периодот што доаѓа на политичка сцена.
„Ако се обидеме да направиме држава во која што сите ќе имаат еднакви шанси затоа што се родени како државајани на Македонија, а не затоа што припаѓаат на етникум, религија или некаква друга припадност, тоа ќе биде перспективата на македонската држава. Ние се движиме со овие резултати натаму. Останува да се види како ќе се пополни празнината со потфрлувањето на Беса. Мислам дека ќе има во повеќе места втор круг на гласање што ќе бидат важни“ истакна Орданоски.
Според него возможно е во наредниот период да пребегуваат пратенци од коалицијата на ВМРО – ДПМНЕ, односно ќе се претопуваат во други партии и коалиции или ќе се прогласат за независни, што ќе доведе до паѓање на бројот пратененици во Собранието, што ќе го отвори прашањето дали ќе се оди или не на вонредни парламентарни избори.
„В принцип во политиката, тој што победува со една плима во првиот круг, потоа продолжува да „гази“ и во вториот круг. Трендовите се такви што мислам дека ќе дојдеме во ситуација да имаме една стабилна власт на централно ниво која потоа ќе мора да решава дали ќе има вонредни парламентарни избори“, рече Орданоски, кој на почетокот потенцираше дека важно што видовме една неутрална, но агилна држава.
Б.Ј.