Categories

КОЛУМНА Ќосето или Јустиција?!

Една проста аналогија помеѓу функционирањето на судот во времето на режимот Груевски и денес, недвојбено покажува дека живееме во систем, во кој одамна е урната една од темелните вредности на Уставот на Република Македонија (владеење на правото и правната држава) и во кој де факто, функционираат двојни заакони – едни за припадниците на претходниот режим и други – за сите останати смртници.

Пишува: Александар Диневски

Веќе не е никаква тајна дека македонското судство, како еден од трите клучни столбови на  државата, одамна е рак–рана во системот и еден од главните извори на длабоката системска и генерална криза во која подолг период живурка македонската држава. Експлицитно и имплицитно констатирано во извештаите на Прибе, на Европската унија и во стотици анализи и реферати на релевантни домашни и меѓународни институции, а заверено и потврдено од нас самите – граѓаните на Република Македонија!

Последните настани  сврзани со покренатите судски постапки против челниците на соборената диктаторска хунта на Никола Груевски најтранспарентно и најсликовито го демонстрираа и покажаа вистинското лице на македонскиот правосуден систем, поточно дното во кое истиот, подолг временски период функционира. Во периодот на владеење на хунтата, Судот целосно ја изгуби својата уставна и законска, независна позиција, која во суштина се сведуваше на две негови клучни функции: заштита на правата и слободите на граѓаните и контрола врз извршната власт и носителите на јавни функции во државата. Наместо тоа, преку воспоставениот „бонапартизам“ во судскиот систем од режимот на Груевски и неговите клучни егзекутори (Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и брачниот пар Маневски, Зврлевски, Илиевски и речиси комплетното „сваровски судство“), судот всушност, самиот си ја урна уставната позиција и се трансформира во своја сопствена негација!

Наместо контролор на извршната власт, стана послушен и ревносен извршител на волјата на забеганото диктаторче и неговата хунта и наместо заштитник на правата и слободите на граѓаните, се претвори во еден од најригидните и најголеми прекршители и  загрозувачи токму на тие права! Судските постапки кои беа водени во изминатата деценија (особено монтираните политички процеси) педантно и таксативно наведени во „Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ“, непобитно ја потврдуваат таквата констатација.

Последните случувања пак, со начинот на кој се водат судските постапки против мафијашкиот клан на Груевски и „Фамилијата“, целосно ја разголија таа неуставна и неприродна позиција на македонскиот судски систем. Една проста аналогија помеѓу функционирањето на судот во времето на режимот Груевски и денес, недвојбено покажува дека живееме во систем, во кој одамна е урната една од темелните вредности на Уставот на Република Македонија (владеење на правото и правната држава) и во кој де факто, функционираат двојни закони – едни за припадниците на претходниот режим и други – за сите останати смртници.

Токму затоа, определувањето на мерката притвор, кое во нормалните држави во кои функционира правната држава е рутинско и законско прашање за кое не се ни обрнува поголемо внимание, во македонската јавност е централна тема за дискусија и интерес. Нималку случајно! Податно и илустративно за целосно разголување на „сваровски системот“ на функционирање на македоснкото судство. Не така одамна, целокупната македонска јавност беше сведок на спектакуларни и масовни апсења и притварање на голем број македонски граѓани, токму под директна команда на денешните „пациенти“ на судскиот систем од редовите на ексвладејачката гарнитура. Колку за илустрација, во периодот до 2007-2008 година, бројот на притворени лица во КПУ Скопје (Шутка) не ја надминал бројката од 100 лица во исто време, а во периодот од 2007 до 2015, тој број не се спушти под 350 лица! Или, податокот дека во време на владеење на хунтата, Судот одбил само 1 (и со букви: едно!) барање на Јавното обвинителство за определување на оваа мерка!

Што е уште потрагично, токму оваа мерка, всушност, го навестуваше и исходот од судскиот процес, не само со чинот на прекршување на начелото на презумпцијата на невиност, туку и воспоставената судска пракса – лицата кои се наоѓале во притвор да не смеат да добијат ослободителна пресуда, дури и во случај кога за тоа нема докази! Изречените осудителни пресуди во висина на времетраењето на притворот, всушност, се само алиби на судот за неоснованоста на покренатата постапка и за избегнување на евентуални оштетни побарувања на притвореникот од државата!

Веќе цели две години откако беа иницирани судските постапки против Груевски и неговото злосторничко здружение, сè уште нема фактички ниту едно лице кое се наоѓа во притвор, и покрај сериозните кривични дела за кои се обвинети и целосната исполнетост на основите за одредување на ваква мерка. Колку за појаснување, мерката притвор е најтешка мерка која ја определува судот спрема осомниченото или обвинето лице и нејзината основна функција е непречено одвивање на судската постапка. Законот предвидел четири основи – опасност од бегство, уништување на доказите или влијание врз сведоците, повторување или довршување на обиденото дело и свесно избегнување на судската постапка, односно непочитување на поканите на судот! Не треба посебна елаборација дали и колку осомничените функционери на Груевски од СЈО, ги исполнија законските услови за престој во Шутка.

Таму, на самиот влез во пеколот!

Затоа, денес трагикомично делуваат изјавите на ДПМНЕ-Груевистичка, за падот на правната држава само заради фактот што на дел од осомничените и обвинетите хунтисти им бил одземен пасошот! Една од најблагите мерки која е повеќе комична, отколку суштинска, а обвинети се и за злосторства против човештвото!

Така, битката меѓу судскиот систем чиј симбол е Ќосето и нормалниот судски систем на Јустиција, е во завршна фаза и за жал, сè уште е во полза на првиот!

Дали, решението е само едно: „Со динамит, да не ја тупиме“!

Print Friendly, PDF & Email