Седум месеци по британскиот референдум, вечерва, Долниот дом на британскиот парламент, ќе се изјасни за излегувањето на Велика Британија од Европската унија, за потоа, Брегзит да оди на гласање и во Домот на лордовите, по што, премиерката Тереза Меј, ќе може да го започне процесот за раздружување.
Се очекува големо мнозинство од парламентарците да гласаат за Предлог-законот за Брегзит, зашто поддржувачите на останувањето на Британија во Унијата, досега немаа успех во обезбедувањето услови за промени во текстот на Предлог-законот. По изјаснувањето на двата дома, премиерката Тереза Меј, конечно ќе може да ја покрене постапката за ефектуирање на Брегзит, зашто Врховниот суд на Британија донесе одлука дека на Владата за излез од ЕУ ѝ е потребна согласност на Долниот и на Горниот дом на парламентот.
Шкотскиот парламент веќе се изјасни против Предлог-законот за Брегзит на британската влада, со 90 гласови – „за“ и 34 – „против“, но тоа е необврзувачка одлука, и освен како израз на протест, гласовите на членовите на регионалниот шкотски парламент немаат правна тежина.