Утре (четврток, 30 март) со почеток од 19 часот, во Сојузот на здруженија на борците од НОВ, Градски одбор Скопје, ќе се одржи едновечерен изложбен настан: „Партизанување – траги на борбата“. Настанот е продуциран во рамки на проектот „Траги на борбата“, во организација на „Плоштад Слобода“ од Скопје, „Креативен синдикат“ од Загреб, „Теорија која хода“ од Белград и „Кооператива – Регионална платформа за соработка“ од Загреб.
Поставката во Сојузот на здруженијата на борците од НОВ, Грaдски одбор Скопје, вклучува дела на неколку уметници од Македонија, Србија и Хрватска: Игор Грубиќ (Загреб), Ивана Драгшиќ (Скопје), Филип Јовановски (Скопје), Здружение КУРС (Белград).
Спојувањето на овие автори во една целина, на генерално ниво, ги потенцира вредностите на Народноослободителната борба против фашистичките тенденции и ги повикува на идентификување современите манифестации со скриена или јасна визија, апелирајќи за нивна демистификација, како и за соодветна реакција.