„Икре“ (во превод од арапски: учи, читај) е првата објава што Алах му ја дал на Мухамед а.с., кој бил неписмен, но со тек на време, се описменил. Писменоста во исламот е на највисоко место, или, како што рекол Мухамед а.с.: „Писмениот од неписмените се разликува како што месечината се разликува од ѕвездите“. Или, како што рекол имамот Али: „Кој ќе ме научи една буква, јас цел живот роб ќе му бидам“.
Секогаш, и пред Курбан Бајрам и пред 1 септември, во мене се буди радост, возбуда… Верувам дека и оваа година, почетокот на учебната година, по завршување на летниот одмор, ќе биде нов предизвик за сите ученици да се стекнат со нови знаења и вештини, особено за дечињата коишто оваа година за првпат ќе седнат во училишна клупа. Оваа година, наставата ќе започне на четврти септември, бидејќи на први септември се одбележува муслиманскиот празник, Курбан Бајрам.
Бајрам значи радост. Меѓутоа, колку дечиња и сиромашни семејства, утре, на први септември, навистина, ќе бидат радосни? Утре, многубојни муслимани, оние кои имаат финансиска можност, ќе принесат жртва – здраво животно, за да си ја исполнат исламската должност, и со тоа да ја докажуваат и својата побожност. Дел од месото го задржуваат за себе, а остатокот се дели на сиромашните, на роднините, на комшиите…
Ќе спомнам еден цитат на Мухамед а.с.: „Дарежливиот, на Алах му е помил, од побожниот“. Целта на принесувањето на жртвата, е всушност, муслиманите да ги жртвуваат нивните страсти, ега, лоши дела, себичност… Побожност и добрина не се стекнува со жртвување на што поголемо животно, туку со правење на добри дела.
Убеден сум дека илјадници сиромашни деца, утре на Бајрам, на први септември, (или в понеделник, на првиот училишен ден, сеедно) ќе бидат многу порадосни ако добијат и училиштен прибор, а не само курбанско месо. Ајде, сите заедно, утре да им го разубавиме денот на барем стотина сиромашни семејства: покрај курбанското месо, да им подариме училиштен прибор, облека и обувки на нивните деца, за да можат безгрижно и со насмевка да го започнат првиот училишен ден.
Политичарите или кандидатите за градоначалници кои се подготвуваат за локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври, нека ги тргнат рацете од сиромашните за Курбан Бајрам! И нека не ги користат за политичка пропаганда!
На граѓан(к)ите повеќе не им требаат лажни честитки кои доаѓаат од политичарите, особено не – само пред избори, кога секој глас им е битен. Граѓан(к)ите бараат од политичарите да им обезбедат услови, самите да може да купат и курбан, и книги и нова облека за децата, да имаат пари да подготват празнична семејна трпеза, да направат баклава…