За МВР врвен приоритет е изборите да бидат фер и демократски. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тврди дека полицијата е подготвена да овозможи избори без инциденти. Повеќе од 9.000 полицајци се на обука за локалните избори, во која учествува и ОБСЕ.
„Министерството за внатрешни работи е подготвено и сега ги правиме сите последни подготовки за да имаме добар процес, значи ние секојдневно се вложуваме во тоа да се намали бројот на инциденти, или да не дојде до посериозни инциденти, што би можеле да го нарушат изборниот процес“, изјави министерот Оливер Спасовски, за Радио Слободна Европа.
Тој инсистира дека сепак, најважно од сè е да има соработка со политичките партии и граѓаните, за да има безбеден изборен процес. Спасовски потенцира дека ниту еден полициски службеник не смее да учествува во политичка кампања, за која било политичка партија.