Повеќе од 180.000 жители кои живеат долж браната Оровил во Калифорнија, беа принудени итно да се евакуираат откако американските власти информираа дека постои можност да попуштаат пукнатините кои се забележани на браната, по поројните дождови кои го зафатија овој регион.
Инженерите уште во четвртокот почнаа со испуштање на водата од акумулациското езеро кое се наоѓа по должина на браната. Дупката со текот на времето толку се проширила што властите очекуваа и уривање, но пред два дена утврдиле дека нема таква опасност. Сепак, наредбата за евакуација на населениот во областа недалеку од езерото Оровил и натаму е на сила.
Количеството вода кое минува низ пукнатините се намалува, но сепак, временските прилики им ја отежнуваат работата на службите кои се обидуваат да спречат катастрофа. Во петокот, гувернерот на Калифорнија Џери Браун, побара од Федералната агенција за управување со кризи да прогласи „состојба на голема катастрофа“ поради поплавите и лизгањата на земјиште предизвикани од невремето.