Според податоците од новото истражување на јавното мислење на „Еуробарометар“, македонските граѓани имаат мала доверба во судството (23 отсто), во полицијата (34 отсто, најнискиот процент на доверба во полицијата од сите 28 земји-членки на ЕУ, како и во петте земји-кандидатки за членство, опфатени во истражувањето), но и во јавната администрација, во Владата и во парламентот и во политичките партии… Повеќе од 50 отсто анкетирани граѓани имаат доверба само во Армијата (51 отсто) и во Европската унија (53 отсто)!
Според агенцијата МЕТА, истражувањето е спроведено во мај 2017, пред формирањето на новата Влада, а објавено е минатиот месец. Анкетите се спроведуваат во 28 земји-членки на ЕУ, како и во петте земји кандидатки за членство – Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора и Турција.
Резултатите на истражувањето покажуваат дека доверба во полицијата имаат само 34 отсто од македонските граѓани, а 61 отсто немаат доверба, што е најнискиот процент на доверба во полицијата од сите земји опфатени во истражувањето!
Според „Еуробарометар“, уште полоша е ситуацијата во судството, во кое само 23 отсто од македонските граѓани имаат, а дури 70 отсто немаат доверба! Ако е за „утеха“, слични проценти на доверба, односно недоверба во правосудните системи на своите земји, имаат и Бугарија и Словенија.
Но, во Македонија, на јавната администрација ѝ веруваат само 30 отсто од граѓаните на Македонија, а 62 отсто не ѝ веруваат.
Само 15 отсто од граѓаните на земјава, им веруваат на политичките партии, а дури 76 отсто немаат доверба во нив!
Доверба во Владата и во парламентот, имаат 23 отсто од испитаниците, а не им веруваат – 64 отсто!
„Еуробарометар“ е сервис за истражувањето на јавното мислење за потребите на Европската комисија, основан во 1973 година.
Извор: МЕТА
[divide]
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.