На Меѓународниот ден на студентите посакувам квалитет пред квантитет во образованието, отвореност, дискусија и убав проток на идеи. Би сакала да проговорам и да си посакам, како студентка, и да им посакам на сите студентки и студенти простор за отворена дискусија без калкулации дали мислењето на студентот ќе биде спротивно од она на професорот, па да не следат последици од типот на паѓање на испит, што е мошне чест случај во високото образование во Македонија.
Посакувам професорите да ме почитуваат како студент. Посакувам и да не употребуваат сексистички коментари од типот “Женава ме надзборе” , “Вие мажите можете слободно да си дојдете со папучки на предавање ако дозволите да ве надзбори жена” и уште цела една низа вакви фрази кои, ако не секојдневно, ги слушам секој втор ден на предавања.
Си посакувам да не добивам коментари за мојот физички изглед од страна на професорите. Коментари од типот на “Топ изгледаш” и “Имаш интересна фризура”.
Посакувам и моите колеги од машки или како што велат самите професори, од посилен пол да бидат третирани еднакво и покрај тоа што не им се привлечни на професорите. Знаете, забележав дека генерално оние што се сексистички настроени не се геј или бисексуални, што по дифолт ја исклучува “посилната” страна. Некако, не им се доволно убави на професорите за да добиваат такви убави и пристојни коментари какви што добивам јас, на пример. Жално и дискриминирачки, независно дали јас или тие се во прашање.
Им посакувам на професорите покреативна настава што ќе ми го задржи вниманието од 8-15ч додека сум на предавање.
Посакувам е-услугите да функционираат нормално, и да не морам да запишувам семестар и онлајн, но и писмено, со еден куп формулари и уште поголем ред на чекање пред Студентски прашања.
На вработените од Студентски пак им посакувам една голема насмевка, затоа што некои од нив полека заборавиле и да ги движат вилиците. Главите им се длабоко нурнати во куп формулари и забораваат да бидат љубезни понекогаш.
Ама добро, па и тие вршат двојна работа, а се платени со само една плата.
На хигиеничарките им посакувам да не мора да им прават кафиња на професорите и да им купуваат појадок. Или ок, нека го прават тоа, ама не затоа што мораат, нели тие се нешто подолу од професорите (Да да, во Македонија сѐ уште живееме во класно општество), туку затоа што сакаат да го прават тоа. Од љубов.
И кога сме веќе кај љубовта им посакувам на сите студенти да не се селат од невозвратена љубов. Нека се селат во потрага по поквалитетно образование во кое жените и мажите се третирани еднакво, во кое ќе имаат простор јасно и гласно да ги споделат своите ставови и каде што ќе бидат вреднувани за своето знаење.
И ни посакувам уште многу маршови, затоа што само така ќе си се потсетуваме што преживувавме или преживуваме.
Епа нека е среќен.