Дритро Аголи, еден од најистакнатите албански писатели, почина во Санаториумот во Тирана денеска, на возраст од 85 години.
Неговиот книжевен опус почнува да се популаризира во 60-тите. Првата збирка песни „На пат појдов”, ја објавил во 1958 година. Најпопуларните книги со поезија на Аголи се: „Моите чекори на асфалтот”, „Планински патеки и тротоари”, „Девол – Девол”,„Пладне”, „Татковци”, „Мајко Албанијо”, „Зборот го длаби каменот”, „Патување на мислата “.
По 1990-тите ги издава „Задоцнетиот Пелегрин”, „Просјакот на времето”, „Лудаци”, „Доаѓа чудниот човек”, „Молитвите на камбаната”, „Полноќни тетратчиња”…
Аголи се истакна особено како романсиер. Неговиот прв роман, „Подемот и падот на другарот Зуло”, му донесе многу главоболки од комунистичкиот режим.
Подоцна, на Аголи му беа забранети книгите „Вревата на дамнешните ветришта” во 1960 и драмата „Бело доба” во 1980, како и серијата написи во списанието “Ноември”.
Исто така, автор е на неколку драми, меѓу кои и „Бело доба”, која беше забранета за објавување за време на диктатурата, како и драмата „Второто лице”.
Добитник е на многу албански и меѓународни награди во областа на литературата.