Categories

ФЕСТИВАЛ Почнуваат „Струшките вечери на поезијата“

Со садење дрво и поетско читање во чест на добитникот на „Златниот венец“, поетот Чарлс Симиќ, во Струга денеска ќе започне 56-тото издание на Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Официјалното отворање е вечерва во 20.30 часот, на платото пред Домот на поезијата, со меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

„Во наредните пет фестивалски денови, во рамки на Програмата, ќе бидат одржани и симпозиумот „Изгубено/најдено во преводот“, ќе се презентираат портрети на годинашните лауреати – добитникот на ‘Златниот венец’ Чарлс Симиќ и на наградата ‘Мостови на Струга’ на СВП и УНЕСКО – Горан Чолакхоџиќ, а ќе се прогласи и годинашниот добитник на наградата ‘Браќа Миладиновци’ – за најдобра поетска збирка на македонски јазик  меѓу два фестивала. Во рамки на СВП, ќе има и вечери за Европската поетска платформа Версополис“, соопштуваат од Министерството за култура.

Фестивалските активности во Струга ќе завршат на 27 август со поетската манифестација „Мостови на Струга“ и со врачување на фестивалските награди.

На 28 август, фестивалот се сели во Скопје, со „Поетското матине“ на Матка, а вечерта – со Меѓународниот поетски митинг на плоштадот „Македонија“.

Годинашниот добитник на наградата „Златен венец“, поетот Чарлс Симиќ (1938) е еден од најзначајните современи американски и светски поети и есеисти, а неговата плодна кариера трае веќе пет децении, уште од објавувањето на неговата прва стихозбирка „Што вели тревата“ (1967).

Print Friendly, PDF & Email