Откако членот на Извршниот комитет на СДСМ, Едмонд Адеми ги повика сите новоизбрани пратеници, првата плата од Собранието да ја донираат за за сиромашните граѓани, и партијата Левица излезе со слична иницијатива.
Според Адеми, пратениците со неработењето на Собранието не ја заработиле првата плата: „Наскоро изминуваат 30 дена од конституирањето на парламентот. Бидејќи за овие 30 дена, пратениците не заседаваа, чесно е првата плата, сите 120 пратеници, да ја дадат/донираат на сиромашни семејства, а ги има многу, кои во овие екстремно ладни зимски денови поминуваат низ тежок период. Ова секако нема да им го реши проблемот, но верувам колку-толку ќе го ублажи“.
И партијата Левица ја поддржа иницијативата – со донирање на првата плата, пратениците да придонесат за решавање на барем мал дел од горливите проблеми во македонското општество и така да ја поттикнат свеста и солидарноста кај граѓаните.
„Имајќи предвид дека изминаа 30 дена од конститутивната седница во Собранието, а пратениците не заседаваа ниеднаш, сметаме дека донирањето на пратеничката плата за случаи за кои е најпотребно, е единствено правилно и доблесно и ја поттикнува солидарноста и граѓанската свест… За да стигнат средствата кај оние на кои им се најпотребни и за да се избегне нејасната ситуација со пренасочувањето на средствата од откажаните новогодишни прослави, ги поттикнуваме граѓаните активно да се вклучат и да посочат конкретни проблеми, кои самите ги сметаат за најприоритетни и врз основа на тие информации – пратениците поединечно или групно, да донираат за посочената цел, а за тоа транспарентно и навремено да ја информираат јавноста. Ги охрабруваме граѓаните да пријавуваат социјално загрозени семејства, деца на кои им се потребни средства за лекување и слично“, предложи Левица
И невладината организација ЦИВИЛ – Центар за слобода ја поддржува иницијативата за донирање на првата собраниска плата и ги повикува и охрабрува пратениците со ваков доблесен чин да го започнат мандатот.