Германскиот дипломат Рајнхард Прибе, експерт и поранешен директор за проширување на ЕУ, автор на Извештајот за Македонија – како таа да стигне побрзо до ЕУ, денеска во Охрид имаше свое излагање пред учесниците на Школата за природно право, што се одржува во организација на МАНУ и американската амбасада во Македонија.
Како што рече, овој пат во Македонија нема политичка мисија, туку за да разговара со млади магистри и доктори по право и политички науки, за бенефитите од евроинтеграцијата и за функционирањето и вредностите на ЕУ.
„Немам конкретни пораки, ниту политички пораки. Се надевам на отворена дискусија. Од академска гледна точка, ќе се обидам да објаснам што значи интеграцијата во Европската унија, за да помогнам тоа подобро да биде сфатено, и се надевам дека ќе имаме добра дискусија“, рече Прибе.
Имплементацијата на препораките од Извештајот на Прибе и целосната примена на договорите од Пржино, всушност, се излезните решенија за политичката криза во која влезе Македонија, особено по отворањето на аферата „Прислушување“ од фебруари 2015 година.
Извештајот на Прибе е дел од Програмата на новата Влада на Зоран Заев. која ги опфаќа меѓудругото и реформите во областа на владеењето на правото, на слободата на медиумите, и на борбата против корупцијата.