Categories

ЈАВЕН ПОВИК Прима Центер: Престојување и творење на македонски уметници во Берлин

Новиот проект на Прима Центер – Берлин, „Резидентен престој во Берлин!“, ќе овозможи престојување и творење на двајца македонски ликовни уметници, во просториите на проект-галеријата Прима Центер – Берлин, во период од максимум седум недели и реализација на изложба на крајот на престојот.

Според отворениот јавен повик за Годишната програма за 2018, предвидени се два термина за реализација на новиот проект: во периодот од 15 јули до 15 септември 2018 и од 15 декември 2018 до 15 февруари 2019. Во првиот термин, резидентниот уметник ќе може да ги проследи големите интернационални уметнички саеми во Берлин, како и неделата на отворените Берлински галерии, а во вториот термин ќе се одвиваат фестивалите „Трансмедиале“ – за уметност култура и технологија и филмскиот фестивал „Берлинале“.

Според информацијата под која се потпишани Јован Балов (Берлин) и Ена Б. Јовановиќ (Скопје), Прима Центер Берлин на конкурсот ќе се пријави со четири одбрани уметници од кои, очекува Министерството за култура да одбере двајца на кои ќе им бидат покриени трошоците за престојот во „собата за гости“ на ПЦБ, патните трошоци и реализацијата на изложба, во рамките на програмата на „Уметничката асоцијација Колони Вединг“ – Берлин.

Сите заинтересирани уметници може да се пријават најдоцна до 15 септември 2017, со биографија, план-проект за работа и творештво во Берлин, како и 6–10 фотографии на кои е претставено нивното актуелно творештво. Предност ќе имаат уметниците кои досега реализирале изложба во проект-галеријата на Прима Центер Берлин.

Print Friendly, PDF & Email