На Игор Југ, осомничен за насилствата во Собранието од 27 април, а кој вчера беше уапсен во Куманово, му е определена мерка притвор од осум дена, јавува ТВ 21.
Јавното обвинителство ја потврди оваа информација и изјави дека Југ вчера веднаш бил упатен на извршување на определената мерка во затворот во Шутка.
По предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, судот при крајот на април годинава, на осомничениот му определи мерка притвор во времетраење од осум дена. Времетраењето на притворот од осум дена е бидејќи во моментот на поднесување на предлогот, лицето се гонеше за кривично дело кое налага скратена постапка.
МВР соопшти дека 47-годишниот Игор Југ од Куманово е приведен поради основано сомневање за сторено кривично дело учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејство, казниво по чл. 384, ст.1 од КЗ.
„За истото лице постои централен распис од СВР Скопје – Оддел за насилен криминал за основано сомневање за сторено кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело, казниво по чл. 385 од КЗ, како и локален распис од СВР Скопје – НККР Бит-пазар за основано сомневање за разбојништво казниво по чл. 237 од КЗ“.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се формира група за поддршка на Југ и за негово ослободување. Фејсбук групата „Слобода за Игор Југ“ моментално брои околу 1.000 поддржувачи.
Вчера лидерот на здружението „Ќосето“, Горан Ангелоф, на својот Фејсбук профил напишал: „Нема гласови од патриотите додека не се даде аболиција за 27!“.