Министерството за внатрешни работи денеска објави дека во текот на изборниот ден биле приведени 19 лица за изборни нерегуларности.
Врз основ на сомневање за фотографирање на гласачкото ливче биле приведени десет лица и тоа во гласачки места во ОУ “Ѓорче Петров“, ОУ “26 Јули“ во Шуто Оризари, ПУ “Петар Здравковски Пенко“ во Бутел, две ллица во населба Лескоец, Охрид, во ОУ “Кемал Ататурк“ во Центар Жупа, во училишната амбуланта во Куманово, ОУ „Братство“, Гостивар и во ОУ„Ѓоѓри Димитров“ во Карпош. На сите приведени лица им била одредена прекршочна пријава според одредбите во Изборниот законик.
Во Битола се приведени три лица под сомнение обид за поткуп при гласање.
Во соопштението на МВР, по основ на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир се известува дека се поднесени четири прекршочни пријави за три лица, еден прекршок – “карање и викање на јавно место“ и по еден прекршок “поттикнување, предизвикување и учество во тепачка“, “оддавање на пијанство“ и „непочитување наредба“ .
По основ пак на Кривичниот закон, поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела, се поднесени три кривични пријави: во с. Седларци, тетовско, за кривично дело “напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“ (чл. 383 од КЗ на РМ); во с. Мирковци, скопско, и во Кавадарци за сторено кривично дело “злоупотреба на избирачко право“ (чл. 161 од КЗ на РМ).
„Министерството за внатрешни работи презема мерки и активности за расчистување и на останатите случаи кои беа пријавени во текот на вчерашниот ден и по расчистувањето соодветно ќе ја информира јавноста“ се вели во соопштението.