Categories

РЕФЕРЕНДУМИ Продолжува антибегалската хистерија!

Се зголемува листата на општини кои донесуваат одлуки за спроведување на референдуми против сместување на наводни бегалци и мигранти во нивните средини. Граѓаните на Охрид, Кавадарци, Битола, Гевгелија и на скопските општини Аеродром, Гази Баба и Карпош, на референдуми ќе се изјаснуваат дали се „за“ или „против“ населување на бегалци во нивната општина, иако Владата неколку пати веќе објави, дека воопшто нема намера да гради кампови или станбени згради за бегалци ширум Македонија.

Демантите на Владата дека нема да има населување на бегалци/мигранти, ниту градење станови за нив, не ги премислија советите на овие општини, да донесат одлуки за одржување референдуми околу наводното населување на мигранти, и тоа на истиот ден со локалните избори, на 15 октомври.

За жал, веќе втора недела, Државната изборна комисија, не одговара на прашањата на ЦИВИЛ Медиа, што планира да преземе во врска со распишувањето на референдумите, и каков е ставот на ДИК за законската оправданост за спроведување на референдумите ист ден со локалните избори.

Дел од проопозициските медиумите излегоа со тврдење дека членови на ДИК наводно толкувале дека нема технички можности за одржување на референдуми на денот на локалните избори, тврдејќи дека за одржувањето на локални избори е потребна инфраструктура и техничка поддршка и логистика, која треба да се искористи и за одржувањето на референдуми.

Во пресрет на локалните избори, очајот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ станува сè подлабок, и во недостиг на реална понуда, како и на последните парламентарни избори од 2016 година, партијата одлучи да игра на каратата на црни кампањи против политичките противници, манипулации и билдање на национализмот, преку измислени приказни кои продолжува да им ги продава на своите гласачи, сè со цел да се прикрие криминалот од еднодецениското безотчетно владеење.

Уште пожесток во обвинувањата е лидерот Никола Груевски, кој според еден опозициски медиум, изјавил: „Сите ние сочувствуваме со тие мигранти и сакаме да им помогнеме доколку поминуваат како транзит во Македонија, а и тие не сакаат да се задржат во Македонија, затоа што бараат земја која што е побогата, ќе им пружи подобри услови, но намерата на Владата, за да се додвори некаде, е да прими голем број на мигранти. Се шпекулира со бројка од над 100.000 луѓе, така што сосема можам да ја разберам реакцијата на граѓаните, а најмногу можам да разберам тоа што не веруваат во единствениот аргумент кој го кажуваат, дека тоа било нереално“.

Покрај предупредувањата на експертите дека не смее да се случи одржување на референдумите на ист ден со локалните избори, мора да се земат предвид и можностите за манипулација со гласачките ливчиња, кои во овој случај би биле дури три.

ЦИВИЛ – Центар за слобода повеќе пати предупредуваше на правните и политички контроверзи на референдумите.

„Референдумите се противзаконски, но тоа што уште повеќе загрижува е нивната крајно валкана политичка димензија. Организаторите се во очигледна спрега со најдеструктивните елементи на македонската политичка сцена и имаат директна и недвосмислена агенда, преку ксенофобијата и исламофобијата, да внесат тензии во односите меѓу верските и етничките заедници во земјава, како што тоа беше случај со сите претходни изборни процеси во нивна режија. Едноставно, исламофобијата и омразата воопшто, се валкан политички трик на опозицијата, која постојано промовира екстремизам и насилство, за да внесе страв кој потоа, вешто го злоупотребува. Премиерот, Владата и релевантните институции не смеат да калкулираат со оваа валкана кампања и да молчат. Политичкиот поен кој нема да го загубат сега, ќе биде загуба за целата земја во блиска иднина“, изјави Џабир Дерала, ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Во моментов, во транзитниот камп „Винојуг“ кај Гевгелија, каде поминуваа илјадници мигранти, престојуваат само 13 бегалци од Блискиот Исток, кои чекаат да заминат кон Европа, или да се вратат дома.

И покрај ваквата состојба, ВМРО-ДПМНЕ и понатаму сее страв меѓу граѓаните за наводната опасност дека Македонија ќе биде преплавена со бегалци, а проопозициски медиуми заплашуваат со наслови според кои згради за бегалци ќе се граделе во 17 општини низ Македонија!

Маја Ивановска

 

Print Friendly, PDF & Email