Categories

VOX POPULI Професионализам, а не дилетантизам

Деновиве, имав прилика да следам предавање на еминентен стручњак од светски ранг, во областа на радиологијата. За момент, почувствував како да сум надвор од Македонија… Но, веднаш ме врати во реалноста фактот дека изминаа две години од смртта на малата Тамара. И токму овие два момента, ме испровоцираа да го споделам моето мислењесо јавноста.

Пишува: Гордана Антулеска Белческа

Да не навлегуваме во логистиката, кој, како и зошто!

Ајде да го спуштиме гардот малку, да бидеме професионалци и така да размислуваме.

А, чинам дека сосем заборавивме на тоа што значи професионализам. Изминативе години видовме најразлични профили на уште поразлични позиции и во поблиското опкружување, но и на повиско ниво. И знаете кој е мојот заклучок? Колку на повисока позиција, толку понизок IQ, толку поголемо ограничување и непоимање на проблематиката, со еден збор – неспособност. Но, конечната разврска го потврди мојот ран заклучок, којшто сега можат да го видат сите: колку помалку знаеш, толку си подобар за манипулација, подобра марионета… За жал, за сите нас. Накусо, наспроти професионализмот, кај нас, во моментов, имаме дилетантизам.

И во такво опкружување, колку повеќе се трудиш и држиш до професионализам, толку повеќе си „болва во уво“. А, уште кога си „обоен“…

Сите добро знаеме каде сме. Да видиме што можеме и колку можеме во иднина. И тоа не само во здравството, туку низ сите профили, во сите области, чинители на општествената заедница. Да ги симнеме маските, да се ослободиме од егоизмот, да почнеме да размислуваме колку можеме и што можеме да направиме како експерти за доброто на сите, за подобра Македонија.

„За опоравување е потребно време, но и вистински услови“, рекол Хипократ.

Секако дека тоа е двонасочна високофреквентна улица. Но, доколку сме професионални, не ќе има судири. Може да има просперитет, спротивставени мислења коишто водат до подобри решенија.

А, за да биде тоа, најпрвин треба да ги подобриме меѓусебните односи, да се научиме повторно на соживот. Да го искорнеме плевелот којшто го уништува родот. Да се ослободиме од наметнатиот ни конформизам, да бидеме свои и единствени. Зашто, без заедништво нема просперитет. А, просперитетот е мултисекторски и интерсекторски пристап во решавање на проблемите од кој и да е вид.

Само на таков начин ќе можеме да ја консолидираме заедницата и полека да се издигнеме од пепелот во којшто сега се наоѓаме. Не смееме да си дозволиме грешки коишто ќе ни се вратат како бумеранг, не треба да дозволиме самоуништување. Минатата деценија покажа дека грешките ги плаќа поединецот. Поради тоа, се случи „Тамара“, „родилката во Гевгелија“ …

Патот до успехот, поточно, до успешните решенија е – взаемната соработка. Ајде и ние да почнеме да ја применуваме. Барем што се однесува до трите главни столбови: здравството, судството и образованието.

Целта без план е само желба. Но, ако добро двете се искомпонираат, може да биде прекрасна песна. А, ние имаме план, имаме кадар, имаме волја и кадарни сме да го направиме тоа, да ја истераме работата до крај. За да не се срамиме што живееме во Македонија. Да си го вратиме достоинството за сите. Да се ослободиме од квазиинтелектуалците, од сите оние кои се „обременија“ во текот на изминатава деценија, кои го маргинализираа професионализмот на сметка на сопствените џебови.

(Авторката е докторка – специјалистка)

Print Friendly, PDF & Email