Categories

КОЛУМНА Проклетство ли е или предизвик да се родиш во Македонија?!

Еврокомесарот Јоханес Хан пристигна во Македонија, за да ја арбитрира политичката криза. Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов е во Унгарија, за да ја избегне одговорноста за кризата. ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Никола Груевски, го палат огнот, со желба да ја доразгорат кризата. СДСМ чекори до црвената линија за да го спречи лудилото, што е закана за безбедноста и мирот во Македонија и би било кулминација на кризата. Граѓани без доволно информации од долгите заткулисни средби и договори меѓу СДСМ и ДУИ, а дел жртви на манипулациите на провладините медиуми и деструктивните политики на ВМРО-ДПМНЕ, масовно протестираат, како фолклор на кризата. Со свирежи и клетви го пречекаа Хан и му порачаа да се врати, зашто не сакаат Македонија да влезе во ЕУ и зашто сметаат така ќе се реши кризата.

Пишува: Моника Талеска

Во Собранието пак, се утврди составот на Комисијата за избори и именувања. Шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, 5 од СДСМ и по еден од ДУИ и Беса. И додека европската четворка: Хан, Кукан, Вајгл и Флекенштајн разговара со лидерите на политичките партии, кои имаат свои пратеници во парламентот, во градовите се закажани масовни протести на иницијативата „За заедничка Македонија“, низ кои што се чита стравот на граѓаните, поради неизвесноста од исходот од кризата. Наспроти нив, многу поголем е бројот на оние, што чекаат пред ТВ екраните, на социјалните мрежи, на кој било начин да дојдат до бараната информација за исходот.

Главно сите, помалку или повеќе, се заробеници на деструктивните политики на партиите, на заткулисните договори на политичарите, на националистичката реторика на одделни лидери, кои шират национална омраза, нетрпеливост…
И во оваа констелација, само сончевиот ден и топлото време се потсетник, дека и во Македонија календарски дојде пролетта, откако три месеци останавме заборени во тешката изборна и постизборна зима.
Во оваа Македонија, што го изгуби компасот и тешко е да се верува, дека наскоро ќе се врати на вистинскиот колосек, крстосуваат возовите и автобусите, што ги земаат граѓаните кои со свежи бугарски пасоши, заминуваат во белиот свет. Заминуваат таму каде што добиваат реална валоризација на трудот, каде што имаат пари да ги платат сметките, без да се задолжат во банките, таму каде што не треба да се кријат од извршителите, каде што никој нема да им врши притисок – по секоја цена да се појават на протест, каде што нема да стравуваат дали партиските лидери ќе ги изманипулираат за да остварат своите лукративни интереси и болната страст за моќ, со која ја трампаат и државата и народот…
Заминуваат без да се вртат назад, со исконска желба да се ослободат од овој пролонгиран стрес, од оваа психоза, во која што ќаруваат поединци, а сите други се дел од масата, што води лево или десно од патот.
Во ова политичко лудило често се слуша говорот на повозрасните и самокритиката, „требаше одамна да заминеме од оваа проклетија, ама не знаевме!“
Проклетство ли е да се родиш во Македонија, во време кога една партија, државата ја претвори во дуќан, а граѓаните во предмети, што служат за трампа?
Предизвик ли е да се живее во овие бурни времиња во оваа земја, за да се осведочат случувањата, за потоа некој повторно да не ни ја смени историјата, па од Словени, преку потомци на Александар Македонски, скраја да е, да станеме следбеници на „чиста Македонија“?

И проклетство и предизвик, но да заврши поскоро,  за да не остане пустош, прав и пепел, наместо Македонија!
Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email