Поради недостиг на вода во одделни делови на градот, стружан(к)и најавуваат протест, во среда (на 9-ти август) пред зградата на комуналното претпријатие „Проаква“.
Под мотото „21 век, а нема вода ни за лек“, стружани ќе го изразат незадоволството од аргументите на локалната власт дека неодговорно се однесуваат со водата, дека е зголемена потрошувачката поради туристичката сезона и жештините, дека цевките се застарени…
Зашто, проблемот со недостигот на вода се повторува во Струга секое лето, со години наназад, и редовно предизвикува револт на стружани. Најавениот протест за в среда е последица и на односот на локалните власти кон маките на граѓаните кои секојневно, и на енормно високите температури, мора да трпат жедни и да полнат шишиња за какво-такво одржување на личната хигиена.
На стружан(к)и како малку да им беше скандалот што среде туристичката сезона, дивата депонија со денови гореше и ја загадуваше околината а надлежните, и покрај поддршката на ЕУ, никако не можеа и не можат да се справат со загадувањето на животната средина, а новиот проблем со водата им прекршува уште едно човеково право.