Во време кога во државата е хаос, кога имаме узурпирани институции од претходната власт, кога умираат млади Роми во македонските затвори, кога во 21 век нема гинеколошка ординација во единствената ромска општина Шуто Оризари…, ромските политички лидери и претставниците на невладини организации (со чест на исклучоци) како да не постојат, не им се слуша гласот!
Среќен празник!
Иако, за мене, 8 Април претставува одбележување на постоењето на ромското знаме, химна и јазик, а Денот на Ромите… е секој ден. Самиот назив – „Ден на Ромите“, лично, многу ми пречи, нелогично ми е да има ден на некоја етничка заедница, како Ромите да се некој вид пред исчезнување!
Низ светот овој ден се одбележува со настани со кои се чествува ромската култура и традиција, се крева свеста на пошироката јавност за проблемите со непочитувањето на човековите права на Ромите… За жал, наместо на 8 Април ромската заедница во Македонија да маршира на улиците и да му сигнализира на светот дека и Ромите во државава се луѓе и дека не се граѓани од втор ред, кај нас, последните десетина години, одбележувањето стана безмалку карневал.
Со години ромските активисти беа замолчувани, дури и од ромските политички лидери, да не излегуваат на улица и преку мирен марш, да ги бараат своите права! А денес, ќе гледаме како оркестрирано, токму тие лидери што ги замолчуваа(т) ромските активисти, даваат изјави на контролираните медиуми дека бараат „официјализирање на ромскиот јазик“ и на правата на Ромите?! А, ете, колку за почеток, не слушнавме да побараат Катедра за ромски јазик на Филолошкиот факултет?!
Денес, ќе слушнеме од политичарите колку власта во последните десетина години се погрижила да им го подобри животот на Ромите и дека животот на ромската заедница – цвета… А токму политиките на власта ги натераа Ромите да бегаат од Македонија. Младите сé почесто иднината ја бараат преку аеродромот „Александар Велики“, со билет во една насока. Иако и оттаму, сосила ги враќаат…
Можеби во време на платформи, манифести и прогласи, овие редови ќе останат само еден осамен глас на поединец… Процедурално, нели. Ама, ако… Време е да го избришеме национализмот и да почнеме живееме едни со други, а не едни покрај други. Еве, од утре, од 9 април, да се обидеме, Ромите и сите други во државава – гласно да им кажеме на политичарите: доста е! И секој ден, да биде наш ден, ден на луѓето, на граѓан(к)ите на Македонија.