Документарниот филм „Езеро од јаболка“ поддржан од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и швајцарската Агенција за развој и соработка ја доби престижната награда „Персеј“ на филмскиот фестивал „Т-Филм“ во Острава, Чешка, во конкуренција на 48 документарни филмови од целиот свет.
Оваа награда на фестивалот „ Т-филм“, еден од најдобрите светски фестивали за документарни филмови кои се занимаваат со теми од екологијата, заштитата на животната средина и одржливиот развој, ја доделува Чешката асоцијација на режисери и актери.
Режисерите на филмот, Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, во 27 минути, на модерен и визуелно возбудлив начин, ги доловуваат резултатите од долгогодишните напори за намалување на загадувањето на Преспанското Езеро.
Во изминатите 15 години, УНДП, швајцарската Агенција за соработка и развој и Општина Ресен во вложија 15 милиони долари за спас на Преспанското Езеро. Последните истражувања покажуваат дека најголемиот дел на земјоделците во Преспа усвоиле модерни производни практики. Како резултат на тоа, значително е намалена употребата на пестициди, вештачки ѓубрива и но се заштедува и на водата за наводнување. Ова намалување на внесот на загадувачки материи во Езерото, овозможи да се спречи деценискиот тренд на нарушување на неговата еколошка состојба и да отпочне процесот на негово обновување, што се потврдува со редовните контроли на квалитетот на водите.
Светската промоција на документарниот филм „Езеро од јаболка“ се одржа во Скопје на 24 март 2017 година.
М. И.