„ЦИВИЛ купува провокатори за 100 долари!“ – вака пред само неколку месеци еден дневен весник го опиша повикот на ЦИВИЛ за граѓански новинари.
Проектот #ГраѓанскиОбјектив кој ЦИВИЛ го спроведува веќе втора година, според овој дневен весник „поттикнува граѓани да провоцираат политички неистомисленици и да ги снимаат со телефон додека ги провоцираат, за што ќе добиваат надокнада од 100 долари по снимка“.
Во текстот објавен во овој дневен весник, се изнесени безброј лаги и претенциозни манипулации кои шират говор на омраза и националистички пораки од типот „Албанците од ЦИВИЛ ги с’скаат Македонците еден против друг!“.
Сè уште се очекува ист или сличен ваков текст од „весникот кој прв дознава“ за своите медиумски пријателчиња кои, пак, изминативе месеци спроведуваат исти вакви акции, по теркот на проектот на ЦИВИЛ, кој веќе две години успешно функционира, оставајќи им простор на граѓаните и граѓанките сами да ги детектираат проблемите и да ги објавуваат на нашите веб странци.
Една од телевизиите има повик во кој стои: „Ако сте сведоци на некое случување и сакате да ја објавите веста (фотографија или видео) ние сме тука за вас. Контактирајте не ако имате прашања на кои не можете да најдете одговор. Телевизијата истражува за вас. Пријавете корупција, неправилности, пратете ни докази. Телевизијата е во служба на граѓаните. Сите дојави остануваат анонимни. Оние материјали кои ќе бидат објавени, истите ќе бидат и наградени со 20 евра за фотографија и 50 евра за видео“. Другата телевизија денеска имаше прилог за граѓанските новинари во својата утринска емисија, но сè уште не ги информира граѓаните како (и од каде) ги наградува своите граѓански репортери. Сепак, овие истражувања за овие информации ќе ги оставиме за оние кои први дознаваат, со надеж дека нема последни да објават.
ЦИВИЛ е горд на своите граѓански новинарки и новинари кои изминатите две години преку своите стории директно влијаеа врз промените во општеството. Истовремено, ги охрабруваме граѓанките и граѓаните да ни испраќаат фото и видео материјали кои се однесуваат на кршење на човековите права и слободи, злоупотреби и изборни нерегуларности. Горди сме што сме предвесници на новиот медиумски бран кој, очигледно, го прифаќаат сите медиуми во земјата.
Маја Ивановска