Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво, па женско“, со повеќе настани кои ќе се одржат во Младинскиот културен центар од 18 до 21 мај, ќе го одбележи својот петти, јубилејен роденден. ЦИВИЛ Медиа разговараше со организаторите на настанот за целта и пораката која се испраќа со настан од овој карактер.
„Отворање и креирање на простор за женската креативна мисла, женската креација, промоција на организации и иницијативи – кои се залагаат за родово еднаква иднина, од Македонија, регионот и пошироко. Од другарски порив да се направи нешто за нашето Скопје, до чувство на одговорност и должност кон нашиот роден град, граѓанки и непомалку вредни граѓани“, велат од „Прво, па женско“.
На прашањето за какви промени сведочат тие во нашето општество во изминатите пет години, нивниот став е дека промените би можеле да се поделат во две категории.
„Едната е цивилно-општествената, другата политичката, двете длабоко преплетени. Од една страна, организациите кои секоја година се преставуваат во рамките на нашиот фестивал се трудат и работат на подобрувањето на положбата жените и родовата еднаквост. Меѓутоа, сеопфатната политичка ситуација упорно ги турка правата, можностите и помислата на еднаквост – во бездна. Ние нема никогаш да престанеме да се бориме, бидејќи тоа го сметаме за наша одговорност. Но најбитно, сметаме дека е најважно да се едуцираат новите генерации, на кои ние, и организациите како нас, им даваме простор, поддршка и можност за тоа“, решителни се организаторите од здружението „Тиииит! Инк.“.
„Овогодишниот фестивал ја носи пораката дека жените ќе го спасат светот. Не само во Македонија, туку и насекаде во светот, се чини дека движењата и иницијативите организирани од жени, се оние кои се најгласни и најупорни, како да не ни останува ништо друго, освен борбата да превземеме во свои раце. Оваа година гласно им се поклонуваме на жените во боросанки, работничките и оние кои ги движат нашите општества, а на кои забораваме да им се поклониме“, порачуваат од „Тиииит! Инк.“
Организаторите најавуваат богата програма на петтото издание на фестивалот.
„Сè она што сме го нуделе досега помножено со 5! Како и претходните изданија, и оваа година имаме исполнета програма која содржи многу филм, музика, претстави и перформанси, работилници, базар, дебати, предавања, изложби… И сето тоа на субверзивно-инклузивен начин, или во превод на ППЖ, има место и програма за сите!“, најавуваат од „Прво, па женско“.
„Прво, па женско“ е поддржан од Европската унија и од FRIDA Young Feminist Fund. Содржината на фестивалот е одговорност единствено на Тиииит! Инк. – Скопје и на ниеден начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на ЕУ.
Деталната програма може да се најде на официјалната најава на Фејсбук.