Државната изборна комисија најдоцна утре, со ждрепка треба да ги утврди единствените листи на кандидати за совети на општините и за градоначалници за претстојните локални избори.
Листа на кандидати за членови на Совет и листа на кандидат за градоначалник, што се поднесени од ист подносител, добиваат ист реден број во сите општини.
Редоследот на кандидати во листата утврден со ждрепка е ист во сите општини, а во општината каде подносителот нема да има свој претставник. соодветниот број ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител, без да се остави празно место.
Општинските изборни комисии треба да ги објават листите на кандидати за членови на совет и за градоначалник најдоцна до 21 септември.
Во општините каде најмалку 20% од населението говори службен јазик, кој не е македонскиот, листите на кандидати ќе се објават на македонски јазик и на јазикот што го зборуваат граѓаните во таа општина.
Изборната кампања започнува на 25 септември, а на 15 октомври ќе се гласа во вкупно 3.480 избирачки места во 80 општини и Град Скопје.