Претставниците на Внатрепартиската Иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, Александар Михајлоски, Петар Богојески, Костадин Богданов и Драган Лазаров се во посета на Брисел на средби со високи претставници на Европскиот Парламент и Европската комисија.
Оваа посета на членовите на Иницијативата е продолжување на редовната комуникација со Брисел и континуитет на средбите од минатата посета во септември, со Европратеникот од Германската ЦДУ на Ангела Меркел, Елмар Брок и со Кристијан Преда, Известувач на Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент.
Членовите на Иницијативата се сретнаа и со европратеничката тројка за Македонија: Иво Вајгл, Известувач во Европскиот Парламент за Република Македонија, Кнут Флекенштајн, Европратеник од Германија и претставници од кабинетот на европратеникот Едуард Кукан. На долгата листа средби се наоѓа и Заменик-претседателот на Групата на Европската народна партија во Европскиот Парламент, д-р Андреј Ковачев и претставниците на Европската комисија задолжени за следење на напредокот на Република Македонија во евроинтеграцискиот процес и поранешниот амбасадор на ЕУ во Република Македонија, Ерван Фуере.
На средбите беа истакнати заложбите за реформи и демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, како неопходен и незапирлив процес, особено по резултатите што ги оствари партијата на првиот круг од локалните избори. Истакната е обострана загриженост за падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и стабилноста на опозицијата во Република Македонија.
Заеднички заклучок е дека ВМРО-ДПМНЕ мора што поскоро да се реформира со цел да биде силна и конструктивна опозиција, која ќе биде коректор на власта, а воедно и ќе придонесува за политички консензус со цел напредок на Република Македонија кон евро-атлантскиот пат.
Истовремено, беше нагласено дека реформите во ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат суштински и во насока на воспоставување на вистинска внатрепартиска демократија.