„Како претседател на партијата, ја имам највисоката одговорност за изборните резултати“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вчерашната прес-конференција по првичните неофицијални резултати од изборниот ден, но не одговори на прашањето на новинарите дали тоа значи дека ќе поднесе оставка од претседателската позиција во партијата.
Груевски истакна дека во текот на изборниот ден имало низа нерегуларности, но, исто така, најави дека ќе следува анализа на изборите и на резултатите.
„Ќе следува анализа на изборите и на резултатите со цел да утврдиме што друго, освен изборните нерегуларности, било направено погрешно од нашата партија поради што немавме подобар резултат“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во своето обраќање Груевски рече дека имало закани врз нивните кандидати, заплашувања и дека се влијаело врз гласачите, и се пожали на полицијата.
„Полицијата беше главен заштитник и беше ставена во партиска функција. Од многу страни добивме информации за поткуп на гласачи, секако продолжи и црната кампања. Денешниот изборен ден помина со многубројни нерегуларности и кршења на Изборниот законик, узурпирање на државните ресурси, притисок, поткупување на гласачи, а граѓани се превезуваа организирано до гласачки места. Првпат во историјата на Македонија полициски џипови кружеа со партиски симпатизери“, рече Груевски.
Според него, сето ова имало влијание врз изборниот резултат и придонело за водство и победа на СДСМ во повеќе општини. Груевски рече дека ќе поднесат претставки за сите нерегуларности. „Изборите не се завршени“, рече тој.
Останува да видиме дали ќе се остварат ветувањата што Груевски ги даде пред изборите, дали конечно ќе го признае поразот и ќе замине во историјата.
Во контекст на она што ја очекува партијата ВМРО-ДПМНЕ, се и пораките на Реформаторите на партијата, кои побараа оставка од претседателот Никола Груевски, кој според нив е виновен за поразот на локалните избори.
Тие веднаш по објавувањето на првите неофицијални резултати рекоа дека времето на груевизмот во нивната партија завршило.
„Груевски веднаш да си даде оставка и да овозможи на демократски конгрес слободно и демократски да се избере нов лидер“, рече Александар Михајловски од реформаторското крило на ВМРО-ДПМНЕ.
Тие својата прес-конференција ја одржаа во Клубот на новинарите и го повикаа и лидерот на партијата да им се придружи. Но, Груевски не се одважи на поканата.
М. Ивановска