Неколку минути пред 20 часот, со „Послушајте патриоти“ во изведба на Миле Кузмановски, вечерва започна централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
По неколку патриотски песни меѓу кои и „Нешто ќе те питам бабо“, посветена на Тодор Александров, на присутните им се обрати сегашниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, кој по трет пат ја бара довербата на скопјани.
„На Скопје му треба домаќин човек. Скопјани не сакаат сеење магла, а уште помалку ги сакаат оние кои ја сеат маглата. Нашето Скопје го чека нова ера на зелено Скопје со многу паркови“, им порача Трајановски на своите поддржувачи.
Човекот кој осум години раководи со градот Скопје, зборуваше за зеленило и чист воздух, откако ги исече сите дрва во градот.
И не би бил митинг на ВМРО-ДПМНЕ без драматична најава на својот лидер. Овој пат водителот од сцената побара да се изгасат сите светла за да може присутните да направат „ѕвездено небо“. Во истиот миг беа исклучени сите улични светла пред Владата. Останува нејасно кој и со чија дозвола го стори тоа.
По оваа романтична глетка на сцената се појави Никола Груевски, кој по неколку минутно набројување на идните проекти кои ќе ги оствари ВМРО- ДПМНЕ, повторно ја искористи шансата да им се пожали на своите сопартијци и следбенци.
„Се што можат да направат е да фрлаат кал врз нас. Тие само тоа и го знаат“ рече Груевски.
За веднаш потоа да продолжи со веќе познатите обвинувања за предавство од страна на власта, за Договорот со Бугарија, за продажба на името и националните интереси.
„Многу пријатели ме прашуваат зошто не користиме црна кампања, негативна кампања. Па нема потреба, ние знаеме дека вие гледате и знаете да оцените што се случува“, романтично заклучи Груевски.
Маја Ивановска