Со цел да се унапреди квалитетот на животот на граѓаните со попреченост и на нивните права, и со цел да се отстранат дел од административните бариери, Министерството за труд и социјална политика, донесе измени на Законот за социјална заштита и на Законот за детска заштита, коишто се веќе во собраниска процедура. Како што соопшти министерката Мила Царовска, на денешната трибина посветена на „Предлог мерките за дополнителна социјална заштита за лица со попреченост и нивните семејства”, станува збор се шест измени на регулативата.
„За првпат во Македонија се воведува правото на персонална асистенција. Со години зборувавме дека се потребни персонални асистенти во училиштата, во домот, за социјалното дружење и живеење на лицата со пречки во развојот, сега му се дава законска основа. А, со тоа се отвора и можност за развојна програма. Македонија за првпат се обврзува да вработи персонални асистенти, по разни модели и механизми и тие ќе бидат на располагање на граѓаните“, истакна министерката Царовска.
Со измените на законската регулатива, правата на надоместок за туѓа нега, за слепило, мобилност и глувост, ќе се остваруваат, без оглед на месечните приходи на граѓаните. Досега, овие права им беа скратени на граѓаните со повисоки приходи.
„Иако овие права се компензација за нивната инвалидност или немоќ, согласно со Уставот, тие права беа поврзани со висината на приходите“, додаде Царовска.
Надоместок т.е. остварување на право на туѓа нега, ќе имаат и лицата со умерени пречки. А, право на надоместок за скратено работно време, отсега ќе имаат и родителите чии што деца со пречки, имаат и повеќе од 26 години. Освен тоа, со новите измени, првостепената Комисија ќе ги посетува граѓаните во нивните домови, за да утврди дали тие го остваруваат правото на туѓа нега.
„Досега граѓаните беа оптоварени со обврска да платат по 1.200 денари за да добијат конзилијарно мислење и 500 денари за да добијат упат од матичен лекар за да одат на конзилијарно мислење. Оваа обврска сега се укинува. Комисијата ќе ги посетува граѓаните и врз основа на претходна дијагноза или отпусна листа, тие ќе може да го остваруваат своето право“, децидна е Царовска.
Што се однесува до Законот за детска заштита, МТСП одлучи децата со трајна попреченост да може да го остварат правото на додаток, така што центрите за социјална работа по службена должност ќе го продолжуваат ова право, без да се обновува документацијата секоја година.
Моника Талеска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Даниела Нисова