Владата изготви Предлог-закон за престанок на важењето на Законот за национален уметник. Ако предлогот, за кој се собираат мислења, пред да влезе во собраниска процедура, се изгласа во Собранието, титулата национален уметник нема да им се доделува „на македонските уметници кои придонеле во градењето и унапредувањето на културата и уметноста во Македонија или преку својата работа го афирмирале македонското творештво во странство“.
„Актуелниот Закон создава нерамноправен третман помеѓу националните уметници и другите вработени во културата, кои имаат примања во многу помал износ од просечната плата во државата. Но, она што е особено забележливо е што со законот се овозможува активните уметници да се стекнат со правото – до крајот на животот да остваруваат надоместок од две просечни плати месечно, независно од тоа што имаат редовни примања, или хонорари од остварени проекти“, соопштиле за медиумите од Министерството за култура.
Националните уметници кои од 2011, од кога се доделува титулата, веќе го стекнале тоа право, пијанистот Симон Трпчески, режисерот Милчо Манчевски, оперските пејачи Борис Трајанов и Ана Дурловски и поетот Никола Маџиров. ќе продолжат да го остваруваат и доживотно ќе примаат месечен надоместок од 60.000 денари. Пејачката Есма Реџепова, која е една од носителките на титулата, почина во 2016.