Локалните избори се распишани, Државната изборна комисија е подготвена, барем декларативно, за практично допрва ќе видиме, партиите предвреме ја започнаа својата кампања, како на терен, така и во медиумите и на социјалните мрежи… Неизвесни се само кандидатите за градоначалници и советници.
Безбројни се калкулациите и шпекулациите околу можните кандидати, но конечната понуда ќе се знае по 20 август, а според роковникот, листите на кандидати треба да се поднесат најдоцна до 9 септември.
Од сите имиња кои се „вртат“ во јавноста, Златко Марин, претседател на Општинската организација на СДСМ во Аеродром е речиси сигурен кандидат на власта за градоначалник, Речиси исто толку сигурна е повторната кандидатура на актуелниот градоначалник Ивица Коневски од ВМРО-ДПМНЕ.
Центар е една од најинтересните општини и допрва ќе се одлучува кој кандидат ќе ја има поддршката од СДСМ. Актуелниот градоначалник Андреј Жерновски (ЛДП), веќе најави дека од граѓаните ќе бара втор мандат, бидејќи има уште многу проекти за реализација и се надева на поддршка од лидерот на СДСМ, Зоран Заев. А ако не ја добие поддршката од владејачката партија, не се исклучува да оди на избори и како независен кандидат со своја листа на советници.
Големи шанси да биде кандидат за градоначалник на Општина Центар има и актуелниот директор на ЈП ПОЦ и претседател на ОО на СДСМ – Центар, Саша Богдановиќ, кој се надева на гласовите на верните партиски гласачи на СДСМ, а кој, неофицијално има поддршка од месните одбори на партијата.
Во Кисела Вода, од СДСМ сериозен кандидат може да биде Филип Темелковски, синот на Зоре Темелковски, но за трката се споменува и Елена Костова.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека сериозно со месеци се работи на подготовките за локалните избори и утврдувањето на кандидатите, се спроведуваат анкети, разговори… Но, не очекуваат кандидатите да бидат утврдени пред 5 или 6 септември.
Засега како извесна, неофицијално се споменува поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за повторната кандидатура на Стевчо Јакимовски во Карпош. Негов противкандидат од владеачката партија најверојатно ќе биде Душко Весковски.
Што се однесува до кандидатите на ДУИ, партиски извори велат дека речиси е сигурно оти актуелните градоначалници на Тетово, Гостивар и Дебар, Теута Арифи, Невзат Бејта и Ружди Љата повторно ќе се кандидираат за функциите, исто како и градоначалникот на Општина Желино, Фатмир Изаири.
ДУИ за општина Чаир ќе треба допрва да бара кандидат што ќе го замени Изет Меџити. Првичниот план во партијата, според неофицијалните информации оттаму, бил за ова место да се кандидира Бујар Османи, по неколку месеци на министерска функција, но наводно, тој сега се пишманил.
Што се однесува до првата функција во Скопје, сѐ почесто се споменува името на актуелниот пратеник на СДСМ, Петре Шилегов, но од партијата ниту се потврдува ниту се демантира оваа информација.
Актуелниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ, најави дека ќе влезе во трката за претстојните локални избори, бидејќи зад себе веќе има два успешни мандата.
Едно од имињата кое се спомнува во јавноста е и претеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски. За него се шпекулираше дека ќе биде кандидат за градоначалник на Кисела Вода, претходно се спомнуваше и Општина Бутел. Тој ваквите информации во јавноста ги демантираше, велејќи дека не се пријавил на партискиот повик за кандидати за градоначалници.