„За нас е исклучително важно сите да ја поддржат ининцијативата на РЕКОМ. Сите сме свесни дека мора да ги доведеме процесите кон помирување, затоа што само така ќе сме подготвени за иднината на нашите народи“, порачал премиерот Зоран Заев по вчерашната средба со Наташа Кандиќ и Жидас Даскаловски, претставници од регионалната иницијатива РЕКОМ.
Од името на коалицијата на повеќе од 2.000 граѓански организации од регионот, Кандиќ и Даскаловски побараа од премиерот Заев поддршка за нивната иницијатива за формирање регионална комисија, составена од комесари од сите држави на Балканот во кои се одвивале војни и конфликти во периодот 1991-2001 година, со цел да се утврди точниот број на загинати во конфликтите, по што, би требало да се отпочне со процесот на помирување на земјите од регионот.
Поздравувајќи ги напорите на РЕКОМ и истрајноста на коалицијата во спроведувањето на идејата последните 10 години, Заев нагласил дека ваквото помирување може само да помгне за остварувањето на поголема соработка на државите од регионот и за отварање на вратите на заедничката иднина.
Заев изразил уверување дека македонската Влада ќе ја поддржи идејата на РЕКОМ, која и според него, е во согласност со заложбите за градење пријателства и добрососедски односи во регионот.
Иницијативата на РЕКОМ, на годинешниот Самит на Западниот Балкан во Трст беше ставена во декларацијата на Европската унија и стана и дел од Берлинскиот процес