Како и во сите досегашни предизборни кампањи, така и овој пат, партиските штабови се мета за меѓупартиски пресметки. Синоќа, во полициска станица во Неготино e пријавено оштетување на штаб на политичката партија СДСМ, лоциран во село Криволак, при што се испишани графити со навредлива содржина.
Според билтенот на МВР, истата вечер, околу 9 часот е пријавено дека на куќа сопственост на М.Ј. (70) од село Криволак, од непознато лице е испишан и заокружен бројот 13 и натпис ВМРО.
Еден ден претходно, непознат сторител искршил две прозорски стакла и стаклена врата на штабот на политичката партија ДУИ, на улицата „Тале Христов“ во населбата Скопје – Север.
Настрадаа и партиските штабови на Беса во Скопје и на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.
На првиот ден од стартот на предизборната кампања, прозорците и вратата од штабот на СДСМ во Аеродром, беа измачкани со измет.
МВР информира дека работи на расветлување на случаите.
Маја Ивановска