Нов претседател на Советот на јавни обвинители е Коле Штериев, кој денеска едногласно беше избран на седницата на Советот, откако пред два дена, досегашниот претседател Петар Аневски, поднесе оставка поради „семејни и лични причини“.
Штериев по изборот рече дека ќе се обиде да ги искористи своите и капацитетите на членовите на Советот, и изрази надеж дека ќе успее да ја смени сликата за оваа институција. Тој истакна дека има конфликт помеѓу Советот на јавни обвинители и Специјалното јавно обвинителство, но дека и тој ќе се обиде да биде надминат.
„Може да е претенциозно и преамбициозно да кажам дека ќе успеам во тоа, но дека ќе се обидам, тоа е несомнено“, изјави новиот претседател на Советот на јавни обвинители.
Коле Штериев стана член на Советот на јавни обвинители на Република Македонија пред една година. Претходно работел во Вишото скопско обвинителство и во Обвинителството за организиран криминал.