Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), денеска, го прославува јубилејниот седумдесетти роденден. Големиот јубилеј ќе се одбележи со свечен собир, во четврток на 16-ти февруари, на кој ќе бидат врачени наградите за најуспешни книжевни дела.
Годинешните добитници на наградите се Гордана Михаилова Бошнакоска на наградата „Ацо Шопов“ за поезија, Лилјана Пандева на наградата „Стале Попов“ за проза, Кристина Николовска на наградата „Димитар Митрев“ за критика и Александар Поповски на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца.
Образложенијата на одлуките за овие признанија ќе ги презентираат претседателите на жири-комисиите Виолета Танчева Златева, Наташа Аврамовска, Маја Јакимовска Тошиќ и Стојан Тарапуза. На средбата ќе биде врачена Повелба на ДПМ на Трифун Костовски за долгогодишна континуирана поддршка на културните и творечки процеси во Република Македонија. Присутните ќе имаат можност да ги проследат музичките нумери на гудачко дуо Пламенка Трајковска, а програмата ќе ја води Александра Велинова.
На 13 февруари во 1947 година е формирано ДПМ како професионално здружение на писателите од Македонија од писателите Васил Иљоски, Блаже Конески, Ристо Крле, Славко Јаневски, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко и Ацо Шопов. За прв претседател на ДПМ бил избран Блаже Конески.
Македонската писателска асоцијација денес има 540 членови, од кои 30 писатели членуваат повеќе од половина век.