Гласање за целото семејство, особено во име на сопругите, а за повозрасните граѓанки и граѓани и да не зборуваме… Една од вообичаените изборни нерегуларности што никако да се искорени е семејното и групното гласање.
Од над 240 пријави на изборни нерегуларности, ЦИВИЛ адресираше 199 пријави до Државната изборна комисија, а од нив 19 извештаи се однесуваат на семејното и групно гласање, што е околу 10% од сите извештаи за нерегуларности, обработени до 12 часот напладне, на 17 октомври. Кога велиме извештаи, тоа значи дека во нив има најмалку еден случај на семејно и групно гласање.
На изборниот ден, 15 октомври, набљудувачите на ЦИВИЛ имаа податоци кои говореа за оваа појави.
Во Пробиштип, избирачко место 1536, сместено во С.О.У „Наум Наумовски – Борче“ брачен пар гласале заедно зад еден параван. Избирачкиот одбор не реагирал. Набљудувачката на ЦИВИЛ, посочила што се случува. Коментарот на членовите на Избирачкиот одбор бил: „Молчи си, не си отворај работа“.
Во избирачко место 0749, ОУ „Санде Штерјоски“ во Кичево, внукот ја донел баба си на гласање, застанал зад параванот со неа и гласно ја упатувал за кого да гласа.
Сарај е општина во која, меѓу многубројните изборни нерегуларности, се провлекуваат и голем број случаи на семејно и групно гласање.
Во село Ласкарци, општина Сарај, во избирачките места 2447 и 2447/1 имаме случаи каде синот гласа за мајка си, а Избирачкиот список се носи надвор од избирачкото место таа да се потпише, мажите гласаат за своите жени, лицето Б.А. гласа во име на целото семејство…, а Избирачките одбори без никаква реакција.
Барем во општина Прилеп, избирачко место 1374/1 во О.У „Рампо Левката“, случајот бил пријавен во полиција. Што се случило?
Имено, еден гласач со себе довел поголема група гласачи и додека тие гласале зад параваните, одел од еден до друг и им кажувал за кого да гласа. Членовите на Избирачкиот одбор реагирале, гласачот ги игнорирал и на крај случајот завршил во полиција.
Заклучок?
Семејното и групно гласање, надоврзете го со сериозното нарушување на тајноста на гласање, од една страна и со заканите и притисоците од друга страна, а на тоа додете го оправдувањето кај матичните штабови за сигурно гласање и добивате убаво врамена слика за „традиционалното“ гласање по „сопствена“ волја и убедување.
Биљана Јордановска