Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС) го обвини претседателот на Македонија дека со неговото последно писмо ја конфронтира државата со меѓународната заедница, не ги почитува дипломатските узуси за да гради алиби за постапките на внатрешен план. „Меѓународната заедница, исто така, би можела, наоѓајќи разбирање за заблудата во која Иванов западнал, да го продолжи актуелниот тренд и за да му помогне од истата и да излезе!“, апелира СМДС.
„СМДС, во рамките на своите можности, направи напор да провери дали претседателот Иванов или неговиот Кабинет имале какви и да се консултации со професионалниот сегмент на Министерството за надворешни работи, и дојде до поразувачко сознание – точно или не – дека дури и немало ниту обид во таа насока! Ова се однесува, како по прашањето да ја прогласи заедничката Платформа на македонските политички партии од албанскиот блок како наметнат од странство (читај: Албанија) политички документ, така, и во однос на писмото упатено до неколку од најзначајните фактори во меѓународната заедница“, пишува во обраќањето.
По увидот во двата клучни документи, „Платформата“, објавена во повеќе македонски медиуми и, иако партиски документ, искористена во меѓународното писмо на Иванов каде, врз основа на противуставен став, претседателот се обраќа до дел од меѓународната заедница, а што има и ќе има исклучиво тешки последици на меѓународен план, и владиниот документ од 2015 година насловен „Преглед на Охридскиот рамковен договор за социјалната кохезија“, на ниво елементарна споредба, СМДС констатира дека овие два документа, освен во еден сегмент, се практично идентични или кореспондираат до највисока можна мера, вклучувајќи го и прашањето за националните симболи (знаме, химна, државен грб).
СМДС го поставува прашањето: дали обвинетата странска држава успеала уште во 2015 година да и’ подметне на Владата на Република Македонија, да разгледува документ што бил подготвен во неа и дали, ако се немаат такви индикации, е извесно е дека Иванов бил доведен во исклучително тешка и заблуда, со крајно сериозни импликации, па дури и последици!
„Имајќи го предвид ‘Прегледот на Охридскиот рамковен договор’, извесно е дека претседателот требало и морало да има предвид дека тие ставови се битно постари од изборите на 11 декември 2016 година. Имајќи предвид дека овој документ е изработуван во соработка со меѓународни организации, вклучувајќи го и ОБСЕ, факт е дека само два дена по изборите, ЕУ, на својот министерски состанок одржан на 13 декември 2016 година, ја потенцира важноста Македонија (и новата Влада) да се осврнат на овие прашања“, пишува СДМС.
Според синдикалците меѓу македонските дипломати, единствениот сегмент во кој Платформата и Прегледот не се совпаѓаат, е истакнувањето барање за резолуција на македонското Собрание, со кои би се признал „некаков си геноцид врз албанската популација, во периодот 1912–1956 година“.
Поаѓајќи од фактот дека геноцидот и како концепт и како практична операција е во најтесниот делокруг на меѓународните односи и надворешната политика на сите земји, СМДС оценува дека е „исклучително важно ова прашање да се отвори пред најшироката македонска јавност. Само во услови на изолација на албанската заедница во Македонија, гледано од аспект на другите заедници во Македонија, може да цветаат такви искривоколчени историски толкувања со кои се генерира неосновано незадоволство кај албанската заедница, па дури и репродуцира чувство на некаков вид опресија, што е, разбирливо крајно навредливо за ‘другата’ страна и одлична ‘храна’ за определени екстремни кругови. Само отворена, аргументирана и научно поткрепена јавна дебата може да се справи со ваквите општествени девијации и да попречи Македонија да се стекне со можеби најнегативното светло во меѓународната заедница – како сторител на геноцид“, се вели во обраќањето до македонската јавност на синдикатот на дипломатите.
СДМС тврди дека „примената на аналитичкиот пристап, по автоматизам значи спречување на апетитите за инфилтрирање на партиски интереси во државните работи, со што во континуитет се минимизираат суштинските потреби за вистинско толкување и нивна примена во реалниот конституционален живот на Република Македонија. А се’, со цел да не стане ранливо владеењето на правото и нормалното функционирање на институциите на државата, вклучувајќи ги и вредносните капацитети на парламентарната демократија“.
„Од сето изнесено, го повикуваме претседателот Иванов, да ги преиспита своите сознанија, да не се базира само врз медиумски јавувања (посебно кога се работи за изнесување оценки каде се инволвирани странски држави), туку напротив – да направи консултации и со професионалната дипломатија, па дури потоа, да зазема ставови што имаат недвосмислени последици по меѓународната положба на Македонија, додека меѓународната заедница, исто така, би можела, наоѓајќи разбирање за заблудата во која тој западнал, да го продолжи актуелниот тренд и да му помогне од истата и да излезе“.