Корисниците на Народната кујна во Куманово и Старо Нагоричене, цела недела се без дневниот оброк, затоа што нема кој да им готви. Центарот за социјални работи од Куманово не го продолжил договорот со фирмата којашто досега ја подготвувала храната, а не избрал ни нова фирма. Најсиромашните граѓани се гладни и оставени самите да се снаоѓаат како знаат и умеат – да се прехранат, додека не се изнајде решение за проблемот.
„Министерството за труд и социјална политика работи во насока на изнаоѓање на решение во врска со проблемот со Народната кујна во Куманово и Старо Нагоричане“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Жаклина Величковска од МТСП.
Храна за Народната кујна во Куманово досега се приготвуваше во кујната на Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“. Директорката Љубица Павловски вели дека договорот завршил на 15-ти февруари, а во меѓувреме, не бил распишан нов тендер, ниту е продолжен договорот. Нивната кујна е подготвена да обезбеди храна за корисниците, но вели дека мора да има писмена потврда од надлежните.
„Ние понудивме да ја продолжиме соработката и да направиме нов договор, но нема кој да го потпише. Директорот е во оставка, а новата раководителка нема областување за потпис. Како ќе го решат проблемот не знаеме, но ако се распише нов тендер, ќе помине еден до два месеца, додека се завршат сите процедури. Наједноставно е да се продолжи договорот со нас“, изјави Павловски, за порталот Сакамдакажам.мк.
Тие првиот договор го склучиле во 2008 година и бил без ограничување, а минатата година, по распишан тендер, направиле едногодишен договор што завршил минатата недела.
Гладните, бездомниците и сиромашните граѓани на работ на егзистенцијата, ќе мора да преживуваат додека не се отклонат административно-тендерските пречки.
Д. Муратов