Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села и Биљал Касами од Движењето Беса, најавија соработка меѓу двете партии во вториот круг од локалните избори. Лидерите сметаа дека постигнатите резултати во првиот круг, диктираат соработка на двете партии за вториот изборен круг, што треба да се одржи на 29 октомври 2017 година.
„Ова се локални избори, а резултатите од првиот круг диктираат разговори за вториот круг. Граѓаните го кажаа нивниот збор на 15 октомври и се разбира, нашите политички постапки ќе се базираат врз основа на пораката дадена од страна на граѓанините во првиот круг. Нема логика да кажам дека ќе имаме соработка со ДУИ, кога во трката за вториот круг сме ривали со ДУИ. Граѓаните на 15 октомври кажаа со кого мораме да коалицираме“, изјави Зијадин Села, од Алијанса за Албанците.
„Јас денес ќе комуницирам со претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села со цел да ги започнеме преговорите и да ги конкретизираме можностите за соработка во вториот круг од изборите во сите општини каде настапуваме за да го подобриме изборниот резултат“, изјави Биљал Касами, од движењето Беса, вчера.
Касами изјавата ја даде по вчерашната средба со албанскиот премиер, Еди Рама, кој учествуваше на Самитот 100 во Скопје. Рама имаше средби со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со Зијадин Села од Алијанса на Албанците, со претседателот на ДПА Мендух Тачи и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Д.М.