Ден прв. Од политичкиот трулеж, институционалниот и општествениот распад, морална деградација, структурното насилство и грабежот, тргнуваме како дете кое допрва треба да учи да оди. Денот кога узурпаторот Иванов постапи според Уставот и законот по прв пат по долги години слепа послушност кон фашо-мафијашите, се совпадна со стоилјадниот протест на 17 Мај 2015.
Илјадници луѓе на Фејсбук се согласија со идејата на ЦИВИЛ овој датум да се прогласи за државен празник – ден на демократијата. Тоа подразбира дека ќе се запомнат и слават сите што го одеа овој долг пат низ улиците, сите акти на колективна уметност со која се декорираа творбите на лудите криминалци, сите безбројни срца што се охрабрија да се исправат и да проговорат пред застрашувачката машинерија на организираната група грабежливи психопати.
Груевски и неговата клика владееја околу 4,000 денови. Секој ден, без исклучок, неговата власт предизвикуваше по најмалку еден скандал. Често, еден скандал наутро беше покриван со уште поголем скандал попладне. Тоа беа 4,000 тешки денови, време кога многу жени, мажи и деца го загубија животот за што директно се одговорни институциите и партиската солдатеска. Многумина завршија в затвор, а уште повеќе во ментално-идеолошки затвор, ја продадоа душата на ѓаволот.
Узурпаторот Иванов, чиј прекар, Фикус, е навредлив и за растителниот свет, повикува на амнестија за ордата која тргна во убиствен поход на Собранието на Црниот четврток. Единствено што оваа креатура може да направи е да поднесе оставка, а потоа и да одговара за сиот чемер што го предизвика, сосе сите други злосторници за кои (ќе) се води истрага. Помирувањето нека им го остави на луѓето што знаат што значи тоа. Да повторам, помирувањето не значи заборавање!
Тргнуваме во нова битка сите ние, не само претендентите за формирање влада. Во тие редови има многу Тројански коњи, а веројатно исто толку жедни за власт или за долг одмор од напорот да се дојде до власт. Затоа, сите ние сме повикани да останеме будни и на секој од новата власт да му кажеме дека, ако нема намера да работи, може да си оди. Не смеат да им пречат на оние што ја биеја битката и до сега, а решени се да продолжат да ја бијат и понатаму. Нема место за криминалци во оваа нова демократска пролет, но ни за опортунисти и мрзливци.