„Словенија континуирано ја поддржува Македонија во процесот на евроатлантските интеграции, бидејќи целосната интеграција на регионот придонесува за зајакнувањето на стабилноста, мирот и на просперитетот“, според агенцијата МЕТА, било истакнато на средбата на претседателите на македонскиот и на словенечкиот парламент, Талат Џафери и Милан Брглез.
„Во однос на билатералната соработка, Џафери и Брглез се согласија дека таа е добра, но и дека може да биде продлабочена и проширена, особено во доменот на парламентарната дипломатија. Двата парламента соработуваат во рамките на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ) со кое во моментов, претседава Република Словенија, а кое воедно, претставува важен форум за зајакнување и за проширување на регионалната соработка“, се вели во официјалното соопштение.
Џафери на средбата го информирал гостинот од Словенија за претстојните локални избори и за динамиката на спроведувањето на реформите од планот „3-6-9“, а разговарале и за мигрантската криза и за мерките што ги презема Македонија по тој повод, заедно со земјите–партнери, како Словенија.