По неколкучасовна расправа, со многу забелешки од пратениците на ВМРО -ДПМНЕ, Собранието вчера, со 62 гласа „за“, без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и со воздржаните гласови на Беса, ги изгласа замениците министри во новата Влада.
Премиерот Зоран Заев, претходно ја презентираше листата на избраните кандидати, изразувајќи го убедувањето во нивната посветеност и мотивација да работат во интерес на граѓаните, според законите и Уставот.
Пратениците од опозицијата најголеми забелешки имаа за изборот на Арта Точи, за заменичка министерка во Министерството за надворешни работи.
Новите заменици минстири, изгласани на вчерашната седница се Беким Максути во Министерството за одбрана, Агим Нухиу во МВР, Оливер Ристовски во Министерство за правда, Арта Точи во МНР, заменик министер за животна средина и за просторно планирање е Јани Макрадули, Ширете Елези – во Министерство за финансии, Кире Наумов – во Министерство за економија, Власте Димковиќ – за шумарство и водостопанство, Гоце Чакаровски – за здравство, Елми Назири – за труд и социјална политика, Дејан Павлевски – за локална самоуправа. За заменик министер за култура изгласан е Владимир Лазовски, а за транспорт и врски – Ремзи Мехмети, додека Владимир Бајдевски е заменик министер во МИОА.
Со потпишување на свечената изјава, нивната работа започна веднаш, а од опозицијата што го бојкотираше гласањето, останаа репликите и препукувањата на говорницата за тоа кој работи за доброто на државата, а кои се предавници и криминалци.