Categories

РАФАЛ Со омраза до изборна победа, пак ли?!

Зарем пак? Стана очигледно дека окосница на предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, повторно е сеење на стравот и омразата. Во сите досегашни кампањи, ја гледаме оваа партија која не се задржува само на екстремно десничарски јавни настапи кои се забранети во нормални општества, туку се служи и со екстремно насилство, со елементи на тероризам. Новата власт, на која ѝ истекоа првите 100 дена, се чини дека го заборави крвавиот 27 април. Но, јавноста нема да ја заборави крвавата драма, кога Македонија беше повторно на работ на амбисот.

Пишува: Џабир Дерала

Една од главните пропагандни поенти кои Груевски и неговите поддржувачи се обидуваат да ја направат се референдумите против бегалците. Многупати досега напишав дека говорот на омраза, сеењето страв, национализмот, ксенофобијата, исламофобијата и сите останати фобии, се главните трикови во неговата, сега веќе изветвена, магионичарска шапка. Сега е време за решителна акција – да се спречи лудилото.

Во моментов, во Македонија има 13 бегалци од војната. Со зборови: тринаесет. Еј, не 13 илјади, туку само тринаесет.

Референдумите се противзаконски, но уште поголема опасност лежи во нивната крајно валкана политичка димензија. Како општество и како држава, не успеавме да се извлечеме од бескрајната леснотија со која се посегнува по средства кои се смртоносни за демократијата, мирот и владеењето на правото.

Организаторите на референдумите на омразата и манипулацијата се во очигледна спрега со најдеструктивните елементи на македонската политичка сцена и имаат директна и недвосмислена агенда. Преку ксенофобијата и исламофобијата, да внесат тензии во односите меѓу верските и етничките заедници во земјава, како што тоа беше случај со сите претходни изборни процеси во режија на Груевски. Тоа се валкани политички трикови, кои лесно можат да прераснат во насилство, кое потоа вешто се злоупотребува во обидите за изборна победа. Затоа, важно е да се биде прецизен, отворен и храбар овие денови. Да не се калкулира и чека да се разгори пожарот кој потоа, и да се изгасне, ќе остави пепел зад себе. Одговорните политичари и носители на одлуки мораат да знаат:

Политички поен кој нема да го изгубат сега, ќе биде загуба за целата земја во скора иднина. Калкулирањето и кокетирањето со национализмот и исламофобијата нема да ги спречат деструктивците да зграпчат гласови, па и да победат. Едноставно, тие се мајстори на манипулацијата со омразата и стравот. Сетете се само на 2013 година. Тоа што Црвенковски застана (буквално) под истиот чадор со Груевски во Кичево, не му донесе ништо добро на СДСМ!

А институциите? Тие не смеат да останат во удобната сенка на молкот. Државната изборна комисија мора да се изјасни и да донесе одлука која нема да биде контаминирана со политички апетити.

Print Friendly, PDF & Email