Летни горештини во центарот на Скопје, низ објективот на Вулнет Махмути – поразителна слика за социјалната состојба во Македонија.И на пеколни горештини и при сите забрана за работа на отворено, социјално загрозените семејства, граѓан(к)ите се оставени без избор, стојат на семафорите, за ситни пари молат да им ги измијат шофершајбните на нервозните возачи, во интервалите додека овие чекаат да се запали зеленото светло.
Мајки со деца, водат храбро битката со животот. Чекаат милостина, а потоа итаат за да им купат храна на своите најмили.
Тажна е приказната и на оваа млада жена. Во немоќта да се избори со судбината, со часови клечи на плочките, следејќи ги чекорите, стапките на минувачите, во очекување на добронамерници кои ќе и остават некој денар, за да го преживее денот.
Тажна е судбината на граѓан(к)ите што на залезот, остануваат без грижа, без љубов од најблиските, а на крај и од општеството. Па, животната приказна им плете денови во кои светлината и радоста ја носат случајните минувачи. А, тие доаѓаат и заминуваат, несвесни дека за питачите поголема храна се летимичните погледи на добронамерниците,од кои зрачи љубов и топлина.
Длабоките рани на општеството треба да се залечат, за ова говорат и фатените моменти на двете фотографии. Погледот во далечина на момчето што седи на Камен мост, и малолетникот кој што го сонува звукот на ехото на фрлената паричка на плочникот, што за него значи среќа.
Фотографиите всушност се тажни приказни, за секој од овие луѓе поединечно. Општеството, надлежните институции треба час поскоро да се посветат на битката со питачењето. Овие граѓан(к)и треба да се згрижат, вдомат, да се вклучат во процесот на образование, работа … Овие граѓани заслужуваат, како и сите други, достоинствен живот.
Фотографија: Вулнет Махмути