Македонија треба да го консолидира своето, не само домашно, туку и интернационално политичко суштествување, бидејќи се наоѓа на маргините, не само на демократијата, туку и на евроатланската интеграција и на балканската дипломатија
Чувството на резигнација и пораз е неизбежно, при следењето на теркот на емисиите, прилозите, секојдневните разговори, чиј заеднички именител е ликот и делото на Џорџ Сорос. ВМРО-ДПМНЕ успеа, на дневната агенда на секој граѓанин на Македонија да биде Сорос и неговата, нели, „крајно штетна политика“ на отворени општества.
Во Македонија, како земја со дефицитарна демократска традиција, многу е нормално пропагандата и спинот да имаат повеќе поддржувачи и да уживаат поголема популарност, отколку фактите и вистината. Кога ќе почне да се зборува за фактите, за тотална дисфункционалност на институциите, за криминалот, корупцијата, непотизмот…, тогаш, симпатизерите на провладините структури тоа го толкуваат буквално со зборовите: „Тоа е твоја реалност, а не моја“. Тоа ли се обидува да го направи ВМРО–ДПМНЕ? Да ја „покрие“ фактичката реалност со конструираната реалност, да нé „обедини“ на таков тоталитаристички начин? Така ли се велича патриотизмот, со затворени општества, со поткопување на граѓанскиот сектор, со поткупување на фундаментот на демократијата, со заробени медиуми и право на говор само под услов, идентификација со призмата на Груевски, бидејќи таа би била и единствената постоечка?!
Не сакам куферите на младата генерација, веќе да бидат со печат на недемократски политики, на моќта на пропагандата, поларизацијата, криминалот… Македонија треба да биде држава на перспективи и реални можности за успех и напредок. Земја во која, правото на глас, на сопствено и поинакво мислење, на конструктивна критика и на објективна проценка, ќе бидат заедничка реалност на сите граѓани.
На крајот на денот, во овој толку круцијален момент, на политичката сцена и на целокупната јавност ѝ требаат политички дебати, демонстрирање на реална компетенција од политичките лидери за решавање на комплексната внатрешна состојба, но и оддржување на мирот, стабилноста и добрососедските односи. За да може граѓаните да ја оценат способностa на политичарите, потребни се отворени студија, дебати коишто ќе го зголемат нивото на политичка култура, каде главен фокус ќе бидат потребите на граѓаните и најбрзиот начин на нивно остварување, а не готови кованици контра Сорос, ниту пак елитни балови.
Македонија треба да го консолидира своето, не само домашно, туку и интернационално политичко суштествување, бидејќи се наоѓа на маргините, не само на демократијата, туку и на евро-атланската интеграција и на балканската дипломатија. Време е за способни политичари, кои ќе покажат зрелост и капацитет за соодветно управување со државата.
(Авторката е граѓанска активистка, дипломец и првенец на генерацијата на Факултетот за политички науки на универзитетот „Аристотел“ во Солун)