„Вчерашното, условно кажано, влегување на Специјалното јавно обвинителство во ‘сваровски’ Судот, донесе една нова, квалитативна промена. За првпат, СЈО со обвинители влезе директно да истражува судии, што цело време вршеа опструкции во нивната работа“, изјави Љубиша Станковиќ, главен и одговорен уредник на порталот sudstvo.mk за ЦИВИЛ Медиа, коментирајќи ги последните случувања, откако обвинителките Јатица Јанева и Ленче Ристоска, ја започнаа предистражната постапка против експретседателот на Кривичен суд, Владимир Панчевски, којшто се товари за злоупотреба на компјутерскиот систем при распределба на случаите и за оддавање на службени тајни на лица надвор од Судот.
„Што и како е најдено е веќе ирелевантно. Но, од она што го чувме од обвинителката Катица Јанева, станува збор на сериозен почеток на една истрага, којашто многу брзо ќе се отвори. Она што кружеше меѓу новинарите, како приказна за Панчевски, веројатно ќе се потврди дека е така. Мислам дека тој е влезен во една сива зона и за тоа најверојатно ќе одговара“, вели Станковиќ.
Според Станковиќ, апсолутно, со овој случај почнува процесот на демонтажа на македонското „сваровски“ судство.
„Сите оние што се инволвирани, мислам дека вчера многумина од нив се препознаа и многумина од нив беа исплашени, сфатија дека тоа е веќе крај… Меѓутоа, каков ќе биде нивниот крај, е тоа е веќе прашање на СЈО повторно, на нивните колеги од судството, пред коишто еден ден, можеби ќе треба да бидат изнесени“, вели Станковиќ.
Моника Талеска
Камера: Дехран Муратов